вторник, 14 јули 2026

Обвинителството отвори истрага за насилството врз малолетничка во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против една 18-годишна девојка, а за две малолетнички на возраст од 15 и 14 години е поднесено барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца при Основниот суд во Куманово, бидејќи заедно учествувале во дејствија на кривично дело насилство.

Објавено на

часот

Сподели

На 13 март годинава тие повикале девојче кое тогаш имало 13 години да излезе од дома со нив и ја убедиле да влезе во запуштена просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“. Таму жртвата грубо ја навредувале и физички ја нападнале, удирајќи ја по лицето и телото и ја кубеле за коса. Насилството го снимале со телефон, а на нападнатото девојче му се заканиле по живот доколку каже некому за настанот.

„Јавното обвинителство, веднаш по објавата на видеото на социјалните мрежи презеде дејствија за обезбедување докази, а за полнолетната осомничена достави и предлог за определување мерки на претпазливост до надлежниот суд – задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со жртвата“, наведе обвинителството.

Кумановската полиција целосно го расчисти случајот и утрово соопшти дека се поднесени пријави против 18 годишната П.А. од село Лојане, општина Липково, како и против две малолетнички на возраст од 14 и 15 години од Куманово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ