Како што соопшти кабинетот на Сиљановска-Давкова, пред официјалниот почеток на форумот, претседателката денеска во Истанбул ќе оствари билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Сиљановска-Давкова утре ќе се обрати на Лидерскиот панел на Дипломатскиот форум во Анталија, којшто ќе го модерира Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално Собрание и шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
На панелот ќе учествуваат и претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев; премиерот на Пакистан, Мухамад Шехбаз Шариф; премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани; и премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.
„На петтиот Дипломатски форум во Анталија, којшто го организира Министерството за надворешни работи на Република Турција, под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, најавени се учесници од 155 земји, меѓу кои 21 шеф на држава и влада, 61 министер, како и десетици парламентарци“, информира кабинетот на Сиљановска-Давкова.






