четврток, 16 април 2026

Сиљановска Давкова – Ердоган: Пријателство и доверба во македонско-турските односи, но и простор за зголемување на трговската размена и инвестициите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка, информираа попладнево од нејзиниот кабинет.

Објавено на

часот

Сподели

„Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашниот оружен напад во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ“, рече Сиљановска-Давкова, пишува во соопштението.

На средбата со Ердоган, таа посочила дека преку своите институции и компании – од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.

„Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница“, се вели во соопштението.

Сиљановска-Давкова ја поздравила турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.

Таа се заблагодарила за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.

Обајцата се согласиле дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.

На средбата се разговарало за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.

„Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати. Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата“, се додава во соопштението.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на петтиот Дипломатски форум во Анталија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ