Од партијата тврдат дека субвенциите се намалени за 40 милиони евра и дека нивната исплата постојано доцни, додека откупот на земјоделските производи е намален за 46 проценти. Според СДСМ, во речиси секој сегмент од земјоделството постојат сериозни проблеми.
Како пример ја посочуваат состојбата во сточарството и кризата со откупот на млекото. Од СДСМ наведуваат дека откупната цена на млекото е намалена за повеќе од 30 проценти и дека моменталната цена не ги покрива ниту основните производствени трошоци на сточарите.
Во соопштението се посочува дека две млекарници во делчевскиот регион најавиле прекин на откупот на млекото, поради што голем број сточари би можеле да останат без пласман и без егзистенција. Дополнително, според партијата, доцнат и субвенциите за добиток и премиите за млеко.
Од СДСМ оценуваат дека, и покрај растот на цените на млекото и млечните производи во маркетите, Владата не презема мерки за заштита на земјоделците, кои дополнително се погодени и од зголемените цени на горивата.
Партијата бара премиерот Мицкоски да одговори зошто нема мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката и зошто доцнат субвенциите за земјоделците. Воедно, од СДСМ обвинуваат дека во буџетот нема доволно средства за поддршка на земјоделците поради, како што наведуваат, криминални тендери.






