среда, 20 мај 2026

Сашко Кедев добитник на плакетата за „Европска личност на годината“ за 2025

На интервентниот кардиолог, универзитетски професор и алпинист Сашко Кедев денеска му беше доделана плакетата за „Европска личност на годината“ за 2025 година. Признанието го доделуваше Европското движење во Република Македонија во рамки на одбележувањето на Денот на Европа.

 

Објавено на

часот

Сподели

Кедев, кој поради неодложни обврски не можел да присуствува на доделувањето, преку видео порака изрази искрена благодарност за укажаната чест и големото признание. Потенцира дека ова признание за него не претставува само чест, туку и поттик за уште поголема посветеност кон овие вредности кои го прават животот подобар за сите.

„Европските вредности, почитувањето на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и заштитата на човековите права претставуваат универзални вредности што ја обединуваат Европа. Сите посакуваме да ја видиме Македонија како дел од европското семејство кое не само што ги негува туку и ги живее овие вредности“, нагласи кардиологот Кедев.

Тој потенцира дека во духот на европското, обединети во различностите, остануваме посветени на идејата дека токму различностите не збогатуваат, а заедништвото не прави посилни.

Со оваа плакета им се оддава признание на поединци кои со својот личен и професионален ангажман придонесуваат за промоција на европските вредности и процесите на евроинтеграција.

Добитници на оваа награда претходните години се оперската пејачка Ана Дурловски, оперскиот пејач Благој Нацоски, оперскиот пејач и национален уметник Борис Трајанов, поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, економистот и уметник Вања Ефремова, виртуозниот гитарист и композитор Влатко Стефановски, фудбалерот и спортски амбасадор Горан Пандев, генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје Живко Мукаетов, ликовниот уметник Јован Балов, академикот, писателот и дипломатот Луан Старова, академикот и поранешен претседател на МАНУ Љупчо Коцарев, параолимписката шампионка во стрелаштво Оливера Наковска Бикова – параолимписка шампионка во стрелаштво, политичарката Радмила Шеќеринска, кореографката и професорка Рисима Рисимкин, актерот Сашко Коцев, пијанистот со светска кариера Симон Трпчевски и Тоше Проески – музичка легенда и хуманитарец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ