Како што информираше денеска пратеникот Сашко Јанчев, причина за поднесување на иницијативата е тоа што, со, како што ги нарекува тој, спорните измени, се отвора можност рударски активности да започнат уште пред да биде завршена постапката за експропријација, што според Левица претставува сериозен правен и уставен проблем.
Јанчев објаснува дека постапката за експропријација претставува правен механизам со кој државата, во случај на јавен интерес, формално го откупува приватниот имот, по што истиот преминува во државна сопственост. Според него, дозвола за експлоатација пред завршување на оваа постапка значи навлегување во туѓа приватна сопственост.
„На пример, доколку некој поседува земјиште што се граничи со рударска концесија, а рударското лоби има сознанија дека на тоа земјиште постои руда што сака да ја експлоатира, во таков случај, според новите измени, постои можност да се добие дозвола за ископување на тоа земјиште. Во таква ситуација, надлежните институции би можеле да издадат дозвола за вршење рударски активности, иако претходно не се целосно завршени имотноправните постапки, вклучително и експропријацијата. Вообичаено, секое лице или субјект што сака да интервенира на одредена недвижност мора претходно да ги има уредено сите имотноправни односи. Според последните измени на Законот за минерални суровини, рударските компании, односно рударското лоби, би можеле да се најдат во поповолна положба во однос на останатите субјекти. Таквото законско решение, според оценките, може да создаде ризик од сериозно загрозување на правото на приватна сопственост и личниот имот на граѓаните“, изјави Јанчев.
Претходно, Бојан Стојаноски пратеник од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, „бранјеќи“ ги предложените законски измени изјави дека измените овозможуваат во постапката за добивање дозвола за експлоатација да се земе предвид и одлука за поведување постапка за експропријација, но исклучиво во случаи кога станува збор за проекти од јавен интерес.
„Важно е да се потенцира дека експропријацијата не е нов механизам, таа е веќе уредена со закон и се применува со јасно утврдени правила и заштита на правата на граѓаните. Со ова решение, не се укинуваат имотно-правните односи, туку се овозможува поефикасно усогласување на постапките за проекти од стратешко државно значење, или поврзување со постапката за експропријација. Во постапка за добивање дозвола за експлоатација, како доказ може да се користи и одлука за поведување постапка за експропријација, но исклучиво за проекти од јавен интерес. Прецизирање на постапките, не нивно олеснување. Измените имаат за цел да ги отстранат практичните административни пречки и да овозможат поефикасна реализација на проекти од јавен интерес, без да се менуваат суштинските услови“, изјави во април месец Стојаноски.






