Настапот на македонската карате репрезентација на Европското првенство кое се одржа во Хамбург, Германија 20-24.05.2026, претставува сериозно разочарување и уште еден показател дека во националниот тим подолг период постојат системски слабости кои повеќе не можат да се игнорираат. Резултатите, организацијата и целокупниот впечаток од настапот оставаат впечаток на неподготвеност, недоволна стручност и отсуство на јасна спортска стратегија.
Доживеан е спортски неуспех, големиот број на порази во скоро сите дисциплини и категории, на најсилната сениорска карате селекција, ја разоткри уште еднаш длабоката криза во начинот на кој се води сениорската карате репрезентација.
Во спортот, особено на највисоко ниво, резултатите се единственото мерило за успешност. А резултатите овојпат беа поразителни и резултатски, и тактички. Најголемиот број на спортисти, останаа без ниту една победа или пак сите останати беа елиминирани во второто коло. Репрезентацијата делуваше неподготвено, без јасен натпреварувачки концепт, без енергија, без препознатлива стратегија и најважно од се без лидерство во клучните моменти посебно во екипните натпревари каде што се пропушти и најголемата шанса за голем пласман или евентуално да се освои и медал.
Во повеќето настапи беше очигледно отсуството на јасен борбен план, слаба адаптација кон противниците и задоцнети или погрешни реакции од страна на селекторот. Наместо модерен и аналитички пристап, се доби впечаток на комплетна импровизација.
Најголемата одговорност природно паѓа врз селекторот и стручниот штаб.
Селекторската функција не е протоколарна позиција, туку позиција на целосна спортска одговорност. Селекторот по Правилникот на КФМ, е тој кој го избира тимот за екипните настапи, го креира системот на подготовки, ја поставува тактиката, ја води атмосферата во репрезентацијата и ги носи клучните одлуки пред и за време на натпреварувањето. Кога репрезентацијата изгледа дезорганизирано, тактички инфериорно и психолошки нестабилно, тогаш проблемот не може да се бара кај случајноста.
Дополнително загрижува и прашањето за критериумите според кои е формирана репрезентацијата, начин на избор на репрезентацијата. Во спорт кој бара максимална форма, дисциплина и континуитет, секоја избрана селекција мора да биде јасна, мерлива и неспорна.
Кога резултатите изостануваат, сосема легитимно е да се постави прашањето дали биле избрани најподготвените и најконкурентните натпреварувачи.
Бошко Заборски за овој дел изјави: Основен проблем е што прво Правилникот за избор на репрезентацијата, се сведува на само еден натпревар за избор на репрезентацијата, овој натпревар (Државното сениорско првенство), може лесно да се режира од страна на поедини судии (како што и беше сторено), тој изборен правилник покажа големи недоречености, нереалност и има големи Аномалии за избор на репрезентацијата.
Сведоци сме дека последното Државно сениорско првенство изобилуваше со судиски неправди, голем број од клубовите тренерите и спортистите по завршување на истото, беа незадоволни и фрустрирани, (изненадени од чудни судиски одлуки во клучни натпревари). После првенството уредно беа поднесени и Жалби од одредени клубови за оштетени спортисти до Судиската комисија на КФМ, беше изразено големо незадоволство за начинот на делење на судиската правда, како доказен материјал беа доставени и Видеа, за сите спорни ситуации каде беа направени пропусти, и каде што судии влијаеја директно да се направат тие пропусти, сепак судиската организација не се произнесе и не даде свое мислење за поднесените Жалби. До ден денес клубовите не добија известување. Завладеа молк како и секогаш.
Но проблемот не е само за ова европско првенство. Овој неуспешен настап е последица на подолг период на погрешни спортски политики кои веќе стануваат неподносливи за поголем број на тренери и клубови членки на КФМ, имаме изразен недостиг на заедничка и системска работа и отсуство на современа визија. Европското првенство во Хамбург, Германија и слабите резултати само ја потврдија реалноста која долг временски период се игнорира.
Особено загрижува податокот што репрезентацијата не покажа ни минимален натпреварувачки идентитет, поголемиот број од настапите и борбите завршуваа со порази.
Во 10 (десет) тежински категории, остварени се збирно само 8 победи на сите спортисти, поразите се побројни или вкупно 12, има само еден остварен пласман на најдобро рангираниот спортист Недим Шаќири (-60 кг), кој беше петто пласиран, сите останати потфрлија. само неколку спортисти забележаа по една победа. Голем број на репрезентативци губеа во првото коло. Женскиот тим во кумите иако на последното европско првенство имаше шанса да се бори и за медал, селекторот со својот избор, го растури тој тим. Женскиот тим забележа два порази против Германија и во Репасаж против Хрватска со идентичен резултат (0-2).Претходно со години систематски го растураше машкиот тим, но на ова првенство машкиот тим одеднаш доби реална шанса да направи голем пласман, пласманот не се реализираше поради некоректниот избор на спортисти во тимот, одговорноста за овој неуспех во целост треба да падне на товар на селекторот.
Неуспехот е евидентен и не смее да се заобиколи фактот што селекторот во тимовите за мажи и жени, не ги повика најдобрите каратисти на “Макпетрол” кои со децении и носат успеси на нашата држава, Ако K.K. “Макпетрол” е актуелен Државен првак во дисциплините екипно борби за мажи и жени и ако селекторот постапи максимално неодговорно, себично и безобзирно и повика само еден спортист од овој клуб, тогаш тоа е повеќе од непрофесионален чин на одлука и голем срам. Очигледно е дека се работи за реваншизам кој за жал не и донесе ништо добро на Македонија и на каратето, ако спортисти кои се максимално докажани искусни и подготвени не се ставаат во тимот и тимот не оствари посакуван резултат одговорност треба да има. Сега остана само жалење за не искористената шанса и огромно разочарување кај спортистите кои загубија најмногу.
Останува да виси во воздух зашто никој во КФМ, не го постави прашањето, како тоа најдобрите стандардни репрезентативци и каратисти не се во тимовите. Зашто се остави да решава се селекторот кога сите видоа дека изборот е несоодветен на постигнувањата искуството и квалитет на избраните за тимовите од негова страна. На крајот со вакво самоволно однесување најмногу загубија спортистите кои со децении секојдневно тренираат, нивните клубови и тренери но губитник е и Македонскиот спорт.
Министерството за Спорт, финансиски во целост ги покри трошоците за настап на репрезентацијата на ова европско првенство, затоа има право да бара и одговорност но и да помогне во решавањето на кризата која го зафати овој наш најдобар и најтрофеен спорт. Министерството точно знае дека има голема поделеност во КФМ, и за тоа треба да реагира како највисока спортска институција во Државата, оваа криза да се надмине.
Најлошото што може да се направи по ваков резултат е молк, релативизација или префрлање на вината. Во сериозните спортски системи, ваков настап отвора одговорност, анализа и задолжителни кадровски промени. Не од суета, туку од потреба спортот да оди напред.
Македонското карате, голем временски период беше спорт број еден во Македонија, овој спорт донесе најмногу медали, вкупно 95 освоени медали од учествата на европски и светски Официјални првенства, имаме таленти, клубови и докажани тренери и поединци кои се сега разочарани и демотивирани за стручна работа.
Подолг временски период, остануваме да бидеме неми сведоци како без професионален систем, без јасни критериуми и без одговорност на раководните структури, тој потенцијал ќе продолжи да се троши во просечност и алиби-приказни.
Време е да се направи сериозна спортска анализа, а не само да се поднесуваат формални извештаи и изибилие на празни оправдувања. Кога резултатот е дебакл, одговорноста мора да има име и презиме. На потег е ИО и Претседателот на КФМ, да се обидат да променат нешто за добро на каратето.






