„Како што знаете претседателот на Европскиот совет беше овде и тој даде изјава и беше доста јасен. Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да бидат спроведени. Со тоа има голема определба Северна Македонија да го започне процесот на преговори и нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме доста активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската Унија ќе бидат доста контруктивни во наредните денови и месеци“, изјави Рокас.
Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава изјавата ја даде за време на паузата на 23. Конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа одговарајќи на новинарско прашање дали ЕУ има пла „Б“ за земјава имајќи ги предвид ветото од источниот сосед и уставните измени.
Рокас оцени дека главната порака на оваа конференција беше пораката за заедништво дотолку повеќе што таа се одржува истовремено со Самитот на Западен Балкан во Тиват од каде има големи очекувања особено имајќи го предвид заедничкото писмо од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Мерц во однос на тоа како ќе го унапредиме и симплифицираме процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.
„На денешната конференција сите делегати придонесоа со конкретни идеи особено во однос на регионалната соработка за заедничкиот регионален пазар и за тоа како земјите од Западен Балкан и придружните земји најдобро да се подготват во однос на заедничкиот пазар на Европската унија што е доста конкуретен. Истовремено, и како да се заврши процесот на пристапување“ – рече евроамбасадорот Рокас во изјавата по првата сесија на КОСАП.






