Родителите, роднините, блиските и граѓаните на трагично загинатите деца ги повикаа граѓаните да им се придружат на 44. „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи во сабота, на денот на Задушница.
Маршот на Задушница е организиран од Здружението „16-ти Март“.
„Со тишина, молитва и непреболена болка ќе чекориме за нашите Ангели – за младите животи што прерано згаснаа, но засекогаш остануваат во нашите срца“, стои во повикот.
Од здружението порачуваат дека на Задушница не се забораваат најмилите и се палат свеќи, се изговараат нивните имиња и се чува споменот на оние што физички не се меѓу нас, но духовно остануваат присутни.
Посочуваат дека не се откажуваат од борбата за правда.
„Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница“, порачуваат организаторите.






