„Министерството за транспорт ја водеше постапката за набавка на 150 електрични автобуси и електрични полначи во целосно транспарентен процес и целосно согласно Законот за јавни набавки. Согласно процедурата, до Министерството за транспорт пристигнаа 4 понуди кои беа предмет на евалуација. Иако тендерот пропадна, во интерес на јавноста би сакале да ги објавиме понудите и причините за отфрлање на секоја од нив“, се вели во реакцијата од Министерството.
Според информациите за пристигнатите понуди, кинеската компанија Актрус со автобуси Кинг Лонг доставила понуда во вредност од 50.700.000 евра без ДДВ, унгарско-австрискиот конзорциум Електробус Икарус- ЕВН во вредност од 50.600.000 евра без ДДВ, кинеската компанија Жонг Тонг во вредност од 50.600.000 евра без ДДВ и турската компанија БМЦ во вредност од 59.200.000 евра без ДДВ.
„Поединечните цени по автобус без полнач се: Електробус/Икарус: 314.000 евра, Актрус/ Кинг Лонг: 324.000 евра, Жонг Тонг: 327.000 евра и БМЦ: 385.000 евра. Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра. Затоа бараме јавно извинување од СДСМ, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета“, велат од ресорното Министерство.
Трите компании, велат од Министерството за транспорт, не ги исполниле условите за избор. Компанијата Актрус/ Кинг Лонг не достави валидна банкарска гаранција, со што понудата беше невалидна, Жонг Тонг исто така имала невалидна банкарска гаранција, додека компанијата БМЦ воопшто не доставила банкарска гаранција и не ги исполнила техничките услови. За Електробус Икарус -ЕВН, второстепената Комисија за жалби по јавни набавки утврдила дека договорот за соработка меѓу Икарус и ЕВН хартиено е потпишан, но не и електронски и затоа го поништила тендерот.
„Се наметнува и прашањето зошто во денешната прес-конференција СДСМ излегува во одбрана на кинеска компанија? Имено, дописот кој го покажуваат е од кинеската Актрус/Кинг Лонг, чијашто понуда е невалидна, но и како таква не е за 12 милиони евра поевтина. Дали СДСМ одработува за странски интереси и зошто? Или мотивот е локален и се крие зад локални пробисвети и криминалци? Тоа се прашања за СДСМ“, вели Министерството за транспорт и врски.
Од СДСМ денеска изјавија дека преземањето на надлежностите за набавка на автобуси не беше за да му се помогне на Скопје, туку за да се избере однапред договорена фирма, блиска до нивниот политички партнер Виктор Орбан.
„Иако основниот критериум бил најниска цена, се избрало скап понудувач. Разликата е шокантна: постоела понуда која е поевтина за 12 милиони евра. Тие свесно туркале поскап тендер за унгарските автобуси. Тие го поништија тендерот затоа што беа фатени на дело! Институциите мора да отворат истрага за тоа кој се обиде да украде 12 милиони евра пари на граѓаните и да одговараат“, изјавија од СДСМ.






