На 22 јуни 1941 година нацистичка Германија изврши ненадеен напад врз Советскиот Сојуз, нејзин сојузник во војната против Полска. До крајот на годината германските трупи напредуваа стотици километри до периферијата на Москва. Наскоро по инвазијата, мобилните убиствени единици почнаа масовни убиства на советските Евреи. Германската војска и цивилната окупација доведоа до смрт на милиони советски воени затвореници и советски цивили.
По повод 80-годишнината од нападот, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер потсети на заборавеното страдање и смртта на милиони советски воени затвореници и цивили во истребувачката војна.
„Пред 80 години, на 22 јуни 1941 година, со нападот на Вермахтот врз Советскиот Сојуз, почна војната за истребување. Со 27 милиони мртви, од кои 14 милиони цивили, Советскиот Сојуз претрпе најмногу жртви во Втората светска војна“, стои на официјалната веб-страница на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Што беше операцијата Барбароса?
На 22 јуни 1941 година нацистичка Германија ја почна својата инвазија врз поранешниот Советски Сојуз, со кодно име Операција Барбароса.
Во нападот учествуваа 3,3 милиони војници долж фронтот од 2.900 километри, што ја прави една од најголемите инвазивни сили во историјата.
Адолф Хитлер злогласно го прекрши пактот за ненапаѓање, познат како пакт Молотов-Рибентроп, потпишан во тајност меѓу нацистичка Германија и Советскиот Сојуз неколку недели пред да почне војната во август 1939 година.
Германската инвазија помалку од две години подоцна ги изненади Советите и нивните сили првично беа совладани и претрпеа големи загуби пред да се консолидираат за да ја блокираат германската офанзива.
Операцијата „Барбароса“ го отвори Источниот фронт во Европа, најголемиот во целата војна, кој беше сведок на некои од нејзините најжестоки битки и најтешки злосторства сè до капитулацијата на нацистичка Германија во мај 1945 година.
Околу 30 милиони луѓе биле убиени на Источниот фронт – далеку повеќе од кое било друго боиште за време на Втората светска војна.
Советските цивили во областите под нацистичка окупација во Источна Европа беа подложени на брутални и самоволни убиства. Нацистичката расна идеологија беше насочена против Евреите и Словените, од кои милиони беа погубени или испратени во концентрационите логори.
„Од првиот ден германската кампања беше мотивирана од омраза, од антисемитизам и антиболшевизам, од расистичко лудило против словенските и азиските народи на Советскиот Сојуз“, рече вчера Штајнмаер.
„Оние што ја водеа оваа војна убиваа на секој можен начин, со невидена бруталност и суровост“, додаде тој. „Тоа беше германско варварство, чинеше милиони животи и го уништи континентот.“
Учење од историјата
Канцеларијата на Штајнмаер во соопштението порача дека целта на низата меморијални настани оваа недела е да го привлечат вниманието кон страдањата на Советскиот Сојуз, кој со 27 милиони жртви претрпе најголеми загуби за време на Втората светска војна, од кои 14 милиони беа цивили.
„А сепак тие милиони не се длабоко врежани во нашата колективна меморија како што наложуваат нивното страдање и нашата одговорност“, рече Штајнмаер.
Тој додаде дека по војната, многу Германци не сакале да слушнат за военото страдање на луѓето во Советскиот Сојуз, чија приказна беше замаглена од Студената војна и поделбата на Европа зад Железната завеса.
„Само оние што ќе научат да ги читаат трагите од минатото во сегашноста ќе можат да придонесат за иднината во која се избегнуваат војни, се отфрла тиранијата и се овозможува мирен соживот во слобода“, рече вчера Штајнмаер.

Расистичко-идеолошка кампања на истребување
Хитлеровата „Операција Барбароса“ не беше дел од „нормалната“ војна, како што бележи историјата, туку „од самиот почеток расистичко-идеолошка кампања на истребување“, рече оваа среда во Москва Волфганг Шнајдерхан, пензиониран генерал и поранешен офицер на Бундесверот. На состанокот на германски и руски историчари и архивисти, Шнајдерхан, кој е претседател на Германската алијанса за грижа за воените гробишта, рече и дека борбата на Источниот фронт била многу побрутална отколку на другите боишта.
Централната германска комеморација по повод оваа годишнина се одржа вчера, на 18 јуни, во германско-рускиот музеј Берлин-Карлсхорст, зградата во која на 8 мај 1945 година германскиот Вермахт потпиша безусловна капитулација пред претставниците на Советскиот Сојуз, САД, Велика Британија и Франција.
„Никој за време на оваа војна не оплакуваше повеќе жртви од народот на поранешниот Советски Сојуз“, рече Штајнмаер, додавајќи дека германската војна против Советите била водена со „убиствено варварство“.
„Нѐ прогонува тоа што нашите татковци, дедовци, прадедовци што ја водеа оваа војна, беа вклучени во овие злосторства“, додаде тој.
Штајнмаер е првиот германски претседател што го посетил местото. Тој таму ја отвори изложбата – „Димензиите на злочинот. Советските воени затвореници во Втората светска војна“.
Голем број гости беа поканети на комеморацијата, меѓу нив и амбасадорите на 15 земји што беа дел од Советскиот Сојуз.
Украина и уште шест земји бојкотираа
Според музејот Берлин-Карлсхорст, седум амбасадори одбиле да дојдат на комеморацијата, меѓу нив и претставници на Литванија, Летонија, Естонија и Украина.
Украинскиот амбасадор Андриј Мелњик во писмо од три страници до директорот на музејот, Јерго Море, напиша дека комеморацијата во Германско-рускиот музеј во Берлин е „навредлива, за жалење и збунувачка“ за Украина, бидејќи „едноставно ги игнорира“ огромното воено страдање на други нации, како што се Украина, Белорусија и балтичките држави.
„Вината на Германците за нацистичките злосторства сè уште се разгледува само во смисла на Русија и Русите. На тој начин Советскиот Сојуз се поистоветува со Руската Федерација“. Мелњик исто така напиша дека германската политика за комеморацијата мора итно да се преиспита.
Како друга причина за одбивањето на поканата, Мелник го наведе учеството на рускиот амбасадор. „Сè додека Руската Федерација ја продолжува својата воена агресија врз Украина, на истокот и на Крим, и ги убива моите сонародници, јас не можам ни да замислам да учествувам на комеморацијата заедно со дипломатскиот претставник на Кремљ.“

Остар одговор од Берлин
Кабинетот на Франк-Валтер Штајнмаер изрази жалење, но и јасно стави до знаење дека одбивањето на поканата од страна на Украина е „спротивно“ на намерата на германскиот претседател отворањето на изложбата „да има обединувачки ефект, без оглед на сите разлики и конфликти“.
Мелњиковата „обемна“ и „паушална“ критика на германската политика во однос на комеморацијата им прави „лоша услуга“ на легитимните интереси на Украина и на германско-украинските врски, соопшти кабинетот на Штајнмаер, повикувајќи се на поддршката на ЕУ за Киев за прашањата како што е Крим.
И германското Министерство за надворешни работи реагираше со „вџашеност“ на острите зборови на Мелњик. Портпаролката на Министерството, Марија Адебар, истакна дека вкупно 17 организации – вклучително и музеи од Украина и Белорусија – се членки на здружението и спонзори на музејот. Пред зградата едно до друго се веат знамињата на Германија, Русија, Белорусија и Украина.
Веќе некое време е јасно дека не само Полска, Чешка и балтичките земји, туку и Украина, Втората светска војна и нејзините последици ги гледаат многу поинаку од Русија. Затоа Штајнмаер неодамна предупреди: „Не смееме да ја инструментализираме историјата против другите, против нашите соседи“.
Логорот Сталаг X Б Зандбостел
Германскиот претседател ова го рече во понеделникот, за време на посетата на поранешниот логор Зандбостел, каде што положи венец и им оддаде почит на паднатите советски војници, воени заробеници.
„Оваа посета им е посветена на група жртви што во голема мера се исчезнати од меморијата на Германија“, рече Штајнмаер, „и треба да се потсети на злосторничката офанзивна војна“.
Големите гробишта на поранешниот нацистички концентрационен логор за воени заробеници Сталаг X Б Зандбостел, помеѓу Бремен и Хамбург, се состојат од анонимни гробни полиња и гробови. Таму се закопани главно војници на Црвената армија. Но има и еден крст со име, и спомен-плоча.
Франк-Валтер Штајнмаер и неговата сопруга Елке Биденбендер останаа таму долго време и ја слушаа приказната на Герд А. Маер, кој пред 75 години е роден во Германија, како син на Германка и на Русинот Анатолиј Михајлович Покровски, покрај чиј гроб стоеја.
Покровски имал 19 години кога Вермахтот го нападнал Советскиот Сојуз во јуни 1941 година. Наместо да ги почне студиите, како што планирал, бил регрутиран и набргу потоа паднал во заробеништво. Така стигнал во логорот Зандбостел.
Управата на логорот го распоредила во одред од принудни работници на еден селски имот. Анатолиј и ќерката на сопственикот на фармата имале тајна љубовна врска. Не знаејќи дека ќе стане татко, младиот Русин починал во логорот во февруари 1945 година.
Неговиот син Герд А. Маер долго време не знаел ништо за својот татко и за неговото мачеништво. Дури по долгогодишно истражување, тој успеал да го разјасни својот идентитет. Во меѓувреме стапил во контакт со семејството на својот татко во Русија и, како што вели, „таму ги нашол своите корени“.
„Не само што се најдов, туку и ме прифатија“, вели тој, додавајќи дека во спомен на својот татко, во името си додал А., што значи Анатолевич, син на Анатолиј.
Специјален третман за советските војници
Од скоро шест милиони заробени војници на Црвената армија, повеќе од три милиони го загубија животот во заробеништво во Германија, две третини од нив во 1941 година. Многумина беа стрелани.
На советските воени заробеници под Хитлер им беа ускратени основните човекови права. Бидејќи, нацистите имале перфидна хиерархија во логорот: најдобро биле третирани Американците и Британците, при дното биле Полјаците, Италијанците, а на самиот крај советските затвореници.
И додека на некои затвореници, третирани во согласност со Женевската конвенција, им било дозволено да сликаат и да свират џез, управата на логорот на други им забранувала речиси сè. Така црвеноармејците добивале „руски леб“, правен од лисја, струготини и малку брашно.
Во логорот Зандбостел, кој имал и посебен концентрационен логор за цивили, биле интернирани вкупно над 300.000 воени заробеници од разни земји и 55 нации. Меѓу нив имало и Југословени, а околу 70.000 од нив биле војници на Црвената армија. Најмалку 4.700, а веројатно и многу повеќе, починале од малтретирање, присилна работа, болести и глад.
Попладнето на 29 април 1945 година во логорот пристигнале првите британски трупи и ослободиле околу 14.000 воени заробеници и 7.000 логораши. Во првите четиринаесет дена по ослободувањето 3.000 од нив починале.
Прекин на „состојбата на заборав“
За време на посетата на Зандбостел, Штајнмаер им оддаде почит и на оние што, и покрај големиот отпор, почнаа со одбележување на тој дел од историјата и го овозможија постоењето на тој споменик создаден во 2013 година.
Во разговор со директорот на спомен-обележјето, Андреас Ересман, вработените и луѓето што волонтираат таму, претседателот на Германија рече дека пред тоа постоела „состојба на заборав“ за овие злосторства и жртви.
Советските воени затвореници во моментов се тема што интензивно ја истражуваат германските и руските научници. Преку соработка на архивите беа разјаснети имињата, биографиите и судбините на многу советски воени затвореници. И покрај пандемијата на коронавирусот, соработката меѓу Русите и Германците продолжи, па така минатата година за првпат на Русите им беа доставени документи од Сојузниот архив на Германија.

Во книгата на Франк Шуман „Споменици на ослободувањето. Трагите на Црвената армија во Германија“, рускиот амбасадор во Берлин Сергеј Нечаев се заблагодарува за добиените документи, прв пат сеопфатно документирани споменици на советските борци против фашизмот во Германија. Според дипломатот, во Германија има 40.000 гробови на советски војници, мажи и жени, претежно од Русија, Украина и Белорусија.
Во вторник, на 22 јуни, на годишнината од нападот, претседателот Штајнмаер ќе им оддаде почит на паднатите советски војници и цивилни жртви на германскиот напад врз Советскиот Сојуз на спомен-обележјето „Мајка татковина“.
Таму се посмртните останки на повеќе од 13.000 офицери и војници на Црвената армија што загинаа во битките за Берлин во 1945 година. Меморијалот им е посветен и на жртвите меѓу советските воени заробеници. Споменикот во Шенхолзер Хајде е еден од трите најголеми советски споменици во германската престолнина, заедно со спомениците во Трептов и Тиргартен.






