среда, 10 јуни 2026

Германија и Полска се скараа за европските пари за оружје за Киев

Откако Унгарија го укина ветото, деблокирани се 6,6 милијарди евра од Европскиот инструмент за мир, но веднаш изби спор меѓу Германија и Полска околу нивната намена. Додека Германија бара целиот износ да се пренасочи за помош на Украина, Полска инсистира на враќање на средствата за оружјето што веќе го испорачала, пишуваат украински медиуми, повикувајќи се на полската радио станица РМФ ФМ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Цезари Томчик, заменик-министер за одбрана на Полска, изјави дека Варшава очекува целосна компензација од околу 450 милиони евра (две милијарди злоти) за оружјето што го испратила во Украина како дел од Европскиот инструмент за мир.

Откако Будимпешта се откажа од блокадата, на сметката во Брисел се достапни 6,6 милијарди евра. Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас предложи компромисно решение: делумно враќање на средствата од 10 проценти, финансирање на обуката на украински војници и поттикнување на заедничко набавување оружје за Киев.

Полска го отфрли таквиот план. „Тие пари се наши“, порача Томчик, најавувајќи дека Варшава „ќе се бори за секое евро“. „Во пракса, помалку од тие пари значи помалку пари за нашата армија“, додаде тој, обвинувајќи го Брисел дека „ги менува правилата среде игра“.

Од друга страна, Германија, како најголем придонесувач во Европскиот инструмент за мир, смета дека деблокираните средства треба целосно да бидат насочени кон Украина, а не да се вратат во националните буџети.

„Хартман (Себастијан Хартман, германски државен секретар во Министерството за одбрана, кој беше во Никозија за време на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ) јасно ги повика партнерите да обезбедат сите неискористени средства од фондот за да продолжат да бидат насочени кон поддршка на Украина. Европскиот инструмент за мир е создаден како механизам на солидарност“, се вели во соопштението на германското Министерство за одбрана.

Дипломат на ЕУ го објасни германскиот став. „Германија ќе издвои 11,5 милијарди евра за Украина оваа година, така што враќањето од неколку стотици милиони евра нема да промени ништо“, кажа тој.

Сепак, полскиот дипломат ја гледа ситуацијата поинаку. „Земјите кои први испратија оружје, како што се Полска и Словачка, и чии донации веќе се пресметани и одобрени за исплата, не сакаат да се согласат на намалена повратна сума. На ова инсистираат земјите кои подоцна почнаа да обезбедуваат помош, како што е Германија“, кажа дипломатот.

Унгарија неодамна го укина ветото за исплата на 6,6 милијарди евра од Европскиот инструмент за мир. По таа одлука, шефицата на дипломатијата на ЕУ Каја Калас изјави дека министрите за одбрана разговарале за начините за користење на тие средства за помош на Украина на состанокот на Кипар на 8 јуни.

Можностите вклучуваат враќање на парите на земјите членки за претходни испораки на оружје, финансирање на заедничка набавка и поддршка на одбранбените иницијативи меѓу ЕУ и Украина. Претходно Калас изјави дека преговорите со Унгарија за деблокада се уште се во тек и дека не може да даде точен рок за решавање на проблемот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ