среда, 10 јуни 2026

Србија и МОЛ постигнаа договор за НИС

Србија и унгарската нафтена компанија МОЛ постигнаа компромис и ги решија сите отворени прашања поврзани со акционерскиот договор за Нафтената индустрија на Србија (НИС). Договорот вклучува можност Србија да го зголеми својот удел во сопственоста, гаранции за работењето на рафинеријата Панчево и поголеми овластувања на српските претставници во управувањето со НИС, објави министерката за рударство и енергетика на Србија Дубравка Џедовиќ Хандановиќ на својот инстаграм профил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Една од клучните точки на договорот се однесува на можната продажба на акциите на Газпромњефт. Доколку руската компанија постигне договор со МОЛ за продажба на својот удел од 56,15 проценти во НИС, а Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (ОФАК) ја одобри трансакцијата, Србија ќе купи дополнителни пет проценти од акциите. Ова би ѝ овозможило на државата да добие дополнителни права при донесување или блокирање на важни одлуки од државен интерес.

Унгарската страна се обврза дека рафинеријата за нафта Панчево ќе продолжи да работи како и досега. Ова подразбира одржување барем на истите просечни годишни капацитети што ги имаше рафинеријата во текот на четиригодишниот период на успешно работење на НИС пред воведувањето на санкциите од САД.

„Токму таквото работење на рафинеријата, неопходно за снабдување на српскиот пазар со нафтени деривати, беше едно од клучните прашања за српската страна и горд сум што успеавме да постигнеме многу важен и корисен договор за граѓаните на Србија“, истакна министерката.

Според новиот договор, претставниците на Србија во Одборот на директори на НИС ќе имаат поголеми овластувања од порано. Ова се однесува и на донесувањето одлуки и на можноста за блокирање на оние што би можеле да бидат неповолни за Србија.

„Државата Србија немала такво влијание од 2008 година, кога НИС беше приватизиран“, нагласи Џедовиќ Хандановиќ. На крахот таа кажа дека Србија продолжува да работи на трајно решение за иднината на НИС по воведувањето на американските санкции.

„Продолжуваме вредно да работиме на наоѓање долгорочно решение за НИС по воведувањето на американските санкции, за кои државата Србија, нејзината влада и нејзините граѓани не сносат никаква одговорност“, напиша министерката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ