Речникот ќе го промовира Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ, а поздравни обраќања на промоцијата ќе имаат ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска.
Институтот наведува дека Македонскиот етимолошки речник е од особено значење за македонскиот јазик бидејќи претставува научно втемелено сведоштво за историскиот развој на македонскиот јазик, нуди научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови, поставени во поширок словенски и индоевропски контекст.
„Речникот е придонес кон јакнење на научната и на културната самосвест и претставува достоен промотор за меѓународна афирмација на македонскиот јазик како самостоен словенски јазик со сопствена историска и етимолошка традиција. Со тоа Речникот се вградува во темелите на македонското културно и научно наследство и претставува дело со трајна вредност“, соопшти Институтот „Крсте Мисирков“.






