„Според сите анализи, нашите очекувања се дека ќе имаме најмногу градоначалници, најмногу советнички места и најмногу гласови како владина коалиција. На земјава не ѝ требаат нови парламентарни избори, туку ѝ треба период во кој ќе се работи на економијата и на подобрување на стандардот, но ако пораката на локалните избори е спротивна од нивните очекувања, отворени сме за сите можности. По многу нешта се разликуваме од нашите политички противници. Ние сме прогресивни, ориентирани кон иднината, тие се заглавени во минатото, во минатото на Груевски, но и општо во минатото“, рече Заев.
Заев истакна дека нивните анкети покажуваат оти коалицијата предводена од СДМС ги избрала најдобрите кандидати за градоначалници и советници, додека тоа, според него, не го препознал кај ВМРО-ДПМНЕ.
„Некои други причини како блискост до лидерот, финансиите на кандидати и слично беа репер за тоа како се носат одлуките во ВМРО-ДПМНЕ. Ние одлучувавме за најдобрите и посветивме доста финансиски ресурси за добри анализи, бидејќи граѓаните го заслужуваат најдоброто“, рече Заев.
Според него, трета особина која ги разликува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се програмите и проектите.
„Тука сме многу различни. Секоја општина ги има стандардните проекти за решавање на проблемите со кои живее локалното население. Но, сите имаат и една група доминантни проекти кои треба на убаво да го сменат ликот на општините. Доминира зелената агенда, одржливите работни места и градењето на благопријатно место за живот на сите. Да биде доволно привлечно за сите да останат да работат и да го димензионираат квалитетно својот живот овде“, додаде Заев.






