Активностите во поглед на сериозното реновирање на две згради од касарната се одвиваат според планот, забрзано и очекува да бидат завршени сите според предвидените рокови.
„Во Штип е сместена нашата неформално НАТО единица, сакаме да обезбедиме и подобри услови за работа на сите припадници. Освен зголемените плати и додатоци, освен тоа што фокусот во опремувањето, вооружување, заштита, униформи, спортска опрема, беше ставен на единицата во Штип, ние и во поглед на вложувањето во инфраструктура покажуваме колку штипската единица и касарна ни се важни”, изјави Шекеринска.
Таа информираше дека се работи на целосно реновирање објекти што се постари од 50 години и кои од стари и недоволно одржувани, ќе прераснат во модерни и енергетски ефикасни објекти, каде припадниците на Армијата, особено припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група, ќе можат да работат во многу подобри услови.
Ќе се реновираат две згради, а во тек е реконструкцијата на првата, по што ќе се премине и на вториот објект. Целта е, вели Шекеринска, да не се загрози нормалниот процес на функционирање на единицата.
„Ќе добиеме повеќе од 3.000 квадратни метри целосно реновирани, модерни, енергетски ефикасни, со целосен противпожарен систем што ќе гарантира и зголемена безбедност. Целта ни е за неколку месеци да обезбедиме сосема нови услови за работа на оваа единица”, изјави таа.
Шекеринска додаде дека не случајно во Штип е лоциран овој НАТО капацитет, Лесната пешадиска баталјонска група, бидејќи се смета оти има и доволно младост и искуство, како и доволен број припадници на Армијата кои ќе можат да ги постигнат неопходните критериуми.
Главниот фокус во овој период и во поглед на персоналот, како и за опремување и квалитетни услови за работа бил Штип.






