недела, 3 мај 2026

Трамп: Од Германија ќе повлечеме многу повеќе од 5.000 војници

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека САД значително ќе го намалат присуството на своите трупи во Германија, укажувајќи дека ќе повлечат значително повеќе војници од 5.000, што го најави Пентагон.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Пентагон првично во петокот објави дека ќе повлече околу 5.000 војници од Германија, меѓутоа, кога вчера беше прашан за причината за потегот, Трамп не даде објаснување, но рече дека ќе следат уште поголеми намалувања.

„Ќе го намалиме бројот значително. И го намалуваме за многу повеќе од 5.000“, рече Трамп на новинарите во Флорида.

Германскиот министер за одбрана мирно ја прифати веста дека 5.000 американски војници ќе ја напуштат неговата земја.

Борис Писториус рече дека намалувањето за кое Трамп зборува со години е очекувано и дека европските земји треба да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана. Тој, исто така, нагласи дека безбедносната соработка е од корист за двете страни од трансатлантското партнерство. „Присуството на американски војници во Европа, а особено во Германија, е во наш интерес и во интерес на Соединетите Американски Држави“, изјави Писториус за германската новинска агенција ДПА.

Планираното повлекување на американските трупи од Германија наиде на брз дотпор во Вашингтон, критики од демократите и изразена загриженост од републиканците на Трамп, кои рекоа дека тоа ќе испрати „погрешен сигнал“ до рускиот претседател Владимир Путин, чија инвазија на Украина трае повеќе од четири години.

Трамп ја даде оваа изјава упатена до земјите сојузници во НАТО откако германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделник изјави дека „се чини дека Американците немаат стратегија“ во Иран и дека Техеран ја „понижува“ најголемата светска сила.

Американскиот претседател ги обвинува своите традиционални европски сојузници за недостатокот на поддршка за неговата офанзива започната заедно со Израел кон крајот на февруари против Иран. Тој, исто така, долго време бара од нив да ја зајакнат својата одбрана и ги обвинува дека премногу се потпираат на американската воена заштита.

Повлекувањето на 5.000 војници од Германија би претставувало една седмина од приближно 36.000 американски војници стационирани таму. Кога вчера беше прашан за најавата на Трамп за дополнителни намалувања, Пентагон не даде никакви дополнителни детали и го упати Асошиејтед прес на своето претходно соопштение.

Пентагон во петокот објави дека повлекувањето на 5.000 војници од Германија ќе се спроведе во текот на следните шест до 12 месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ