Трамп го објави ова на својата мрежа Трут соушл веднаш откако агенциите Тасним и Фарс пренесоа, повикувајќи се на извори, дека Иран во саботата доставил одговор од 14 точки на американскиот предлог за решавање на конфликтот преку Пакистан, кој вклучува гаранции за ненапаѓање, повлекување на американските сили, укинување на санкциите и поморските блокади и решавање на клучните прашања во рок од 30 дена.
Трамп претходно во саботата, во изјава за новинарите во Флорида пред да се качи во претседателскиот авион од Палм Бич за Мајами, изјави дека Вашингтон би можел повторно да започне воздушни напади ако Техеран се „однесува лошо“.
Тој рече дека бил информиран за „концептот на договорот“, пренесува Си-ен-ен.
Тој, исто така, изјави дека САД „се справуваат одлично“ и дека Иран очајно бара решение бидејќи земјата е „уништена“ од месеци конфликт и поморска блокада, објави Ал Џезира.
Планот на Иран од 14 точки, исто така, предвидува ослободување на замрзнатите средства, како и исплата на отштета, Тасним објавуви дека, исто така, се повикува на укинување на санкциите и прекин на конфликтот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и воспоставување нов механизам за управување со Ормускиот теснец.
Тасним, исто така, наведува дека американската страна во својот предлог повикала на двомесечно примирје, додека одговорот на Иран се фокусирал на брзо завршување на конфликтот, со барање клучните прашања да се решат во рок од 30 дена.
Според новинската агенција Фарс, иранскиот одговор е реакција на американскиот предлог од девет точки и содржи, како што се нагласува, мапа на патот за завршување на војната, со јасно дефинирани „црвени линии“ на Техеран.
Иран очекува официјален одговор од Соединетите Американски Држави на доставениот предлог, наведуваат извори.






