
„Запленетата дрога во возило на МВР во Црна Гора проследена со смешното и патетично објаснување за заборавена дрога од пред 5 години уште еднаш покажува дека МВР на Спасовски наместо да ги гони и лови криминалците со дрога, истите ги заштитува.
Јавноста знае кој во изминатите 5 години произведува, шверцува и работи со дрога.
Зошто Спасовски молчи за случајот со запленетата дрога во Црна Гора? Смешни се објаснувањата од МВР дека дрогата е од 2016 година и истата е во возилото. Од 2016 година до денес има повеќе од 5 години, а Оливер Спасовски без прекин министер во МВР и тој имал доволно време да се запознае секое едно делче од министерството, а не да му остане дрога во автомобил. Кого лаже Спасовски”, изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната прес-конференција тој праша, ако возилото било на МВР и дрогата е од 2016 година, а не од сега, како знаеја црногорските власти дека токму во тоа возило има дрога?
„Знаеме дека полициските сили низ државите работат со дојави и информации кои ги поседуваат партнерските служби, тоа што фатиле дрога во возило на МВР говори дека дрогата не е од пред 5 години, туку од сега”, рече Лефков.
Тој уште го повика Јавното обвинителство да ги праша црногорските власти за помош, како и од каде е дрогата, каде требала да биде испорачана и кој стои зад нарачката, очигледно е дека станува збор за пресретнување на шверц на дрога.
Според Лефков, доколку дрогата била од 2016 година, таа немала да седи во возило на автопаркот во МВР со години, туку веќе ќе била уништена.






