И двајцата на прес-конференција потсетија дека според Уставот, македонскиот јазик е службен јазик на државата во меѓународната комуникација.
Според Апасиев, првичната иницијатива на двајцата пратеници на Левица за поднесување интерпелација за работата на Џафери, наишла на голема поддршка кај македонската опозиција и истата денес е поднесена преку архивата на македонското Собрание.

„И покрај тоа што, во катастрофалното менаџирање на внатрешната работа на Собранието на РМ, можат да се набројат над 30-на прекршувања на Уставот, законите и Деловникот – сепак, заради ограничениот простор, поднесената Интерпелација се однесува на три главни причини:
– повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката;
– свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во Парламентот, преку противуставно, противзаконито и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот; и
– повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ, загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници“, објави Апасиев.
Тој ги повика сите пратеници, од власта и од опозицијата, да ја поддржат оваа интерпелација и, како што вели, „заедно да стават крај на самоволието на собранискиот спикер, кој во последно време покажува недозволиви автократски тенденции“.






