Триесет години по крвавиот распад на заедничката држава, се поставуваат прашања за многу феномени што се поврзани со постоењето и распадот на СФРЈ: дали постои југословенство, југословенски идентитет, југо носталгија, (пост) југословенска култура и југословенско наследство?
„Смртта на некои музички и филмски екс-ЈУ ѕвезди, духовно ги обедини граѓаните од сите држави што произлегоа од СФРЈ заедно да тагуваат. Луѓето излегуваа по градските плоштади и колективно пееја песни на починатите Оливер Драгојевиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, со прилично голема доза на емоции на југо-носталгија. Впечатливо беше и како граѓаните од сите екс ЈУ земји, неколку седмици, тагуваа за Тоше Проески, музичка ѕвезда, што својата слава ја направи по распадот на Југославија, насекаде доживуван како ‘наша ѕвезда’. Познатиот режисер Лордан Зафрановиќ, во една прилика ќе изјави: „Титовата Југославија беше врвот на цивилизацијата на тие несреќни народи, и сметам дека никогаш повеќе во својата историја нема да бидат на тоа ниво, со угледот, со силината, со социјалните состојби, кога имаа бесплатно школство, болници, летувалишта, кога цветаше уметноста …”., посочија од Центарот за напредни истражувања.
„Во април годинава балканската, но и пошироката светска јавност се разбрани со веста дека словенечкиот премиер Јанез Јанша, наводно, испратил т.н нон-пејпер до авторитетите на ЕУ во Брисел под наслов: ‘Конечното распаѓање на Југославија’, што значи дека во некои кругови сè уште се размислува за дополнителни менувања на постоечките граници на територијата на поранешна Југославија“, стои во соопштението од Центарот за напредни истражувања.

Јавноста кај нас, но и пошироко, се посочува во соопштението, со големи емоции реагира по социјалните мрежи на неконвенционалните изјави на ексминистерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, дека Северна Македонија не може да започне преговорите со ЕУ, односно Бугарија ќе ја блокира, сè додека се почитува и слави ликот и делото на Јосип Броз Тито.
За официјален почеток на физичкиот распад на СФР Југославија, најголем број автори го сметаат 25 јуни 1991 година, кога Собранието на Социјалистичка Република Словенија еднострано прогласи независност, а два дена потоа започнаа вооружените судири помеѓу ЈНА и Територијалната одбрана на Словенија.
ОН ја признаа независноста на Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина на 22 мај 1992 година, а претходно на 29 ноември 1991 т.н. „Бадинтерова комисија” на Европската заедница (подоцна Европската унија), составена од претседателите на уставните судови на Франција, Германија, Италија, Шпанија и Белгија, објавија „Мислење” со кое се констатира дека Југославија се распадна, а границите помеѓу бившите федеративни единици ќе се сметаат како државни граници на новонастанатите држави, кои, со сила не можат да се променат.
Некои авторитети сметаат оти процесот на распаѓање заврши со Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, но други мислат дека распадот продолжи и после тоа, со независноста на Србија и Црна Гора, но и со прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година.
Професорот Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет во Скопје, истакна дека во контекст на СФРЈ ние промашуваме да ги поставиме вистинските прашања. Според него, поранешна Југославија не треба да се гледа само низ призма на убавите сеќавања, можноста за патување, пасоши, Тито, итн, туку во поширок конктекст на функционирање на системот и институциите.
Историјата, смета тој, може да се разбере само ако се гледа интердисциплинарно, а не вака „сега секој пука од своето место”.
Во неговото обраќање, тој посочи дека поранешна Југославија траеше 70 години, исто колку и Советскиот Сојуз, а приближно толку години досега опстојува и Европската унија.

За она што се случува во изминатите години во регионот на поранешна Југославија, теза на Кекеновски е дека тоа им одговара на олигарсите, кои се единствени добитници на оваа несреќна транзиција од 30 години.
Горан Башиќ, координатор на Академската мрежа за соработка во ЈИЕ споредбено се осврна на неколку, според него, актуелни теми, како позицијата и статусот на Србите и на Албанците, што сѐ уште е актулна после толку години. Таа ситуација, според него, сега е покомплицирана, а тие прашања сѐ уште лебдеат и се наоѓаме во некој вакуум.
„Очекуваме дека ЕУ ќе го реши тоа прашање, додека СФРЈ тоа го имаше решено“, смета Башиќ и оцени дека сегашните земји произлезени од Југославија треба да ги применат позитивните искуства од некогашната заедничка држава.
Професорот од ФОН Универзитетот Мерсел Биљали смета дека земјите од регионот треба да направат заеднички пазар од околу 18 милиони жители и потоа да преговораат за пазарна европска економска зона, што може да се случи за четири до пет години, вели Биљали, кој е скептичен дека поради забавениот развој, освен Словенија и Хрватска, а сега и Србија, останатите држави се 10-15 години далеку од ЕУ..






