„Враќањето на поднесената интерпелација, повикувајќи се на усогласување на членот 136 од Деловникот на Собранието и позитивното право е неосновано и спротивно на Деловникот на Собранието на Република Македонија. Укажуваме дека интерпелацијата и нејзината форма се единствени и дека врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој се сомнева дека употребата на уставното име во интерпелацијата е главниот проблем. Според него Џафери и владејачкото мнозинство бараат изговори за таа да не се најде на дневен ред за расправа.
„Јас мислам дека тоа не е проблемот, проблемот е посуштински затоа што ние имаме пракса на поднесување на вакви документи изминативе две години во државата. Проблемот е во несакањето за разгледување на суштинските активности во самото Собрание. Кога сме кај интерпелацијата, да ве потсетам дека ние имаме поднесено две интерпелации уште од 1 февруари и за Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ. Истите се уште не се најдоа како точки на дневен ред”, изјави Мицевски.
Од СДСМ реагираат дека „колку и да не им се допаѓа на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, одредбите на македонскиот Устав не може да се почитуваат селективно“.
Џафери побара текстот за интерпелацијата за него да биде коригиран во период од 15 дена.
Интерпелацијата беше поднесена поради тоа што тој го прекршил Уставот, зборувајќи на албански јазик пред европските институции.






