недела, 3 мај 2026

Славески: Дилетантизам, ветуваат стандард и повисоки плати, а зборуваат за мерки против инфлација

Објавено на

часот

Сподели

„Замрзнување на цените при истовремен пораст на платите е навистина невозможна комбинација во сегашните околности на умерено висока инфлација. Во Европа тоа сигурно нема да го направи ниту една влада“, нагласи Славески.

Овој наивен или можеби пресметан популизам од страна на Заев, како што рече,  води кон опасната спирала на раст на цените и платите.

„Исходот ни е познат од минатото – платите секогаш и по правило ја губат трката со цените! Тоа го гледаме со свои очи – и покрај постојаните фалби за раст на просечната плата во земјава, според официјални податоци на Завод за статистика, таа во јули е намалена за 1,4%. Сиромаштијата на граѓаните драстично се зголемува! Дополнително расте буџетскиот дефицит и се влошува состојбата во платниот биланс“, рече Славески.

Тој потсети дека во минатото, и во СФРЈ чиј дел беше Македонија, ама и во Велика Британија и САД, властите соочени со галопирачка инфлација, доколку се одлучиле да посегнат по вака драстични мерки, истовремено вршат замрзнување на платите и цените. Според него, примерот е за извлекување на поуки, а не за копирање.

„Од лично искуство знам како се справивме со ценовните шокови на светските берзи на храна и енергија во 2007 и 2008 година. Го заштитивме стандардот на граѓаните. Тие не ја почувствуваа инфлацијата. Не ни помислувавме на замрзнување на цените, мерка која повозрасните меѓу нас ја паметат од времето на претходниот систем, како крајно неефикасна! Кога не умеете на вистински начин да спречите висока инфлација, замрзнувањето на цените доведува до празни рафтови во маркетите и редици за леб, млеко, масло за јадење и други продукти“, рече Славески оценувајќи го тоа како успех и покрај, како што рече, тогашната неодговорна опозиција  која заплашувала со хиперинфлација.

„Слична ситуација со уште поголем пораст на цените на житариците на светските берзи имавме и во летото 2007 година. Мелничарите, пекарите и производителите на масло за јадење најавија зголемување на цените на лебот и зејтинот. Со мерките што ги преземавме како влада за неколку месеци состојбата се стабилизира и успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните. Можат да се повикаат и да учат од тоа искуство“, додаде Славески.

Според него, покрај порастот на цените на храната и енергијата на светските берзи, кон актуелната висока инфлација во земјава не може да бидат амнестирани од одговорност фискалната политика на владата и високите буџетски дефицити. Славески ги наведе покачувањето на акцизата на горивата од почетокот на мандатот на актуелната влада, неповолната структура на расходите, која ги дискриминира капиталните инвестиции, популистичките мерки за поткуп на гласови пред секој изборен циклус.

„Владата треба веднаш да дизајнира мерки за дополнителна поддршка на социјално загрозените категории граѓани и да ги ограничи сите непродуктивни трошења. Исто така, бараме од владата да покаже дека располага со капацитет да се справи со предизвиците од растечката инфлација. Во спротивно, ќе се разгорат инфлациските очекувања кои ја имаат незгодната особина самите себе дополнително да се потхрануваат. Не сакаме состојбата да излезе од контрола! Бараме да се заштити стандардот на граѓаните, да не се обезвреднуваат нивните заштеди, нивниот имот. Ако веднаш не се делува на соодветен начин, се создава амбиент на неизвесност во кој приватниот сектор, претпријатијата, не можат да носат соодветни деловни одлуки и да ги планираат своите активности за во наредниот период“, рече Славески на прес-конференцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ