
На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, се разговарало за соработката во одбраната и поддршката на Австрија во евроинтеграциите на земјава. „Австрија е еден од гласните поддржувачи на регионот и на Северна Македонија што е навистина за голема почит. Нашите две земји соработуваат и на полето на одбраната за што се надевам дека во идниот период ќе имаме повеќе активности кои ќе ја унапредат нашата билатерална соработка. Одлично е што Австрија во континуитет испраќа сигнали на храбрење до регионот и до нашата земја, за што сме ви посебно благодарни“, кажала Шекеринска.
Таа уште додала дека поддршката од Австрија при неодамнешните пожари и во пандемијата е уште една потврда дека двете земји одржуваат одлични односи и дека Австрија ги цени достигнувањата на Македонија.
Двете министерки исто така заклучиле дека нашата земја постигна напредок кој ЕУ треба да го вреднува со отворање на преговори за членство во ЕУ.
„Австрија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија. Тоа е важно не само за стабилноста на регионот, туку и за иднината на целата Унија. Нашите односи ќе продолжат да се развиваат низ дијалог и взаемно разбирање“, рече министерката Танер.
На вчерашната конференција на министрите за одбрана на Западен Балкан и на Австрија беше потпишана заедничка Декларација за јакнење на отпорноста на земјите од регионот и за засилување на стратешкиот дијалог во меѓусебните односи и во односите со ЕУ, со акцент на создавање на современо регионално лидерство.
Конференцијата се одржа во таканаречениот „Грац-формат“ воспоставен на состанокот во Грац во 2018 година меѓу нашата земја, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и Австрија во име на ЕУ.






