
„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е, каква што всушност и видовме од медиумите. Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема. Значи согласно Уставот, ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата и секако ние, како одговорно мнозинство, ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите“, изјави портпаролот на СДСМ и пратеник Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Со тоа, како што рече, испраќаат силна порака дека апсолутно македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и треба да им биде јасно на сите, но и дека „избиваат на површина буквално сите лаги кои ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и идентитет“.

Со сигурост нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања и како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост која е повисока и поважна од рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет“, рече Костадинов.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа средби со малите политички партии за резолуцијата за спорот со Бугарија и доби поддршка од Демократски Сојуз, ДОМ и од ЛДП велат дека даваат поддршка.






