среда, 6 мај 2026

Претседателка на Советот на Општина Битола стана Габриела Илиевска од граѓанската листа Поинаку

Објавено на

часот

Сподели

Битола за првпат добија претседател на Советот на општината од граѓанска листа.

„Нè чека напорна и тешка работа, затоа отсега натаму помалку говори, повеќе работа на терен. Благодарност за поддршката. Во овој совет отсега ќе се работи за интересите на сите битолчани, нека ви е честита победата на овие избори“, порача Илиевска преземајќи го претседавањето со општинскиот совет.

Илиевска беше избрана на предлог од советникот Иван Чулакоски од Поинаку, со поддршка од 18 советници од Поинаку, ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.

На ова реагираа советниците од СДСМ кои рекоа дека на првата седница на новиот Совет на Општина Битола ВМРО-ДПМНЕ ја официјализира својата коалиција. „Со тоа се потврдија сомневањата за предизборната кампања на иницијативата која се поставуваше како независна и граѓанска, со старото и режимско ДПМНЕ кое ја пустошеше Битола цели 12 години“, рече советникот од СДСМ Методија Илиевски.

На конститутивната седница на советниците им се обрати и градоначалникот Тони Коњановски.

„Ви го честитам изборот и верификацијата на мандатите и ви посакувам успешна работа и донесување на добри одлуки во интерес на нашата општина.

Верувам дека од денес, Општината воспоставува еден нов начин на функционирање, во кој со единство, сплотеност и заедништво можеме да достигнеме највисоки цели и победи за Битола. Тука сме, благодарение на гласот на граѓаните и понатаму имаме обврска да го слушаме нивниот глас, нивните барања, потреби и приоритети.

Политиката треба да се тргне од локалната самоуправа. Мојата заложба, како градоначалник е да направам спој помеѓу сите советници од Советот на општина Битола, за да работиме за доброто на градот, на граѓаните. Локалната самоуоправа мора да биде место каде нема да се поаѓа од лични, субјективни или партиски приоритети, туку институција во која сите ние ќе делуваме за нашиот заеднички интерес – Битола каква што им доликува на битолчани“, рече Коњановски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ