Тој посочи дека оддалечувањето на Цеков било процес кој подолго време бил видлив, нагласувајќи дека ваквиот исход не е изненадување.
„Пратеникот Цеков веќе подолго време не учествуваше во работењето ниту на Централниот, ниту на Извршниот одбор. Беше евидентно дека нешто се случува. Тој не е исклучен од партијата – ЗНАМ не исклучува свои членови, камоли пратеници. Ја донесе оваа одлука и слободен му е патот, секој со свој крст. Но, доколку имате минимум политичка и морална одговорност, треба да го вратите мандатот на граѓаните. Ова е реприза од минатото, но многу е побитен моментот кои се мотивите. Струмичката јавност најдобро го знае тоа“, истакна Димитриевски.
Во однос на причините за ваквиот потег, Димитриевски укажа на промена на политичките ставови и отстапување од партиските позиции, поврзувајќи го тоа и со прашањето на политичката одговорност и принципи.
„Гледаме рапидна промена на ставови, вклучително и поддршка на предлози кои никогаш не биле разгледувани во рамки на партијата. Тоа остава простор дека имало намера. Дали е така, времето ќе покаже. Во ЗНАМ нема и нема да има простор за локални шерифи и злоупотреба на функциите, а токму затоа и очекуваме одговорност – мандатот да се врати таму каде што припаѓа“, нагласи тој.
Осврнувајќи се на поширокиот политички контекст, Димитриевски повтори дека ставовите на партијата се јасни и непроменети.
„Нашите позиции се јасни – македонски идентитет, јазик, историја и европска интеграција со заштита на националните позиции, вклучително и пристапот кон уставните прашања. Господинот Цеков излезе со дијаметрално спротивни ставови и тука е суштинското разидување“, истакна Димитриевски.
ЗНАМ останува цврсто на своите принципи и политички определби, со јасен фокус на одговорно политичко дејствување, доследност кон ветеното и почитување на довербата дадена од граѓаните.






