„Народот, луѓето одлучуваат каква иднина сакаат и кому сакаат да ја доверат. Изборите се неверојатно важни. Државата не е играчка. Кога ја избирате вашата иднина, мора да ги изберете луѓето кои најдобро ќе одлучат за неа“, изјави Вучиќ за телевизија Информер.
Тој нагласи дека изборите се прашање на милиони луѓе во Србија.
„Луѓето честопати ги губеле своите држави преку лоши одлуки на избори“, кажа тој. „Сè зависи од изборите, од посветеноста, трудољубивоста, добрите планови и програми“.
Осврнувајќи се на економската состојба, Вучиќ предупреди дека следуваат големи проблеми. Инфлацијата во повеќето земји од Европската Унија е повисока отколку во Србија, каде што е 3,3 проценти, но сепак е многу загрижувачка, порача тој.
„Ова е моето последно предупредување. На годишно ниво, цените на лековите се зголемија најмногу, за 8,5 проценти, и тие покажуваат колку сме арогантни и суетни, иако три пати инсистирав цената на лековите да се намали“, кажа српскиот претседател.
„Постигнавме, реално, исклучителни резултати. Во тешки околности во 2014 година. Дури и оние што не нè сакаат ни го признаваат ова“, кажа Вучиќ.
Кога станува збор за ситуацијата во светот, Вучиќ кажа дека Кина и Америка се истакнале и отишле далеку. Германија и Франција заостануваат, Германија се обидува да ја придвижи својата индустрија. И има уште една група каде што се Европа, Јапонија, Кореја, Виетнам. Потоа следат останатите.
„Кога ќе го погледнете сето ова, ќе видите дека е последен момент Европа да ги стигне Кина и Америка. Дали е можно? Мислам дека е многу тешко. Една од причините е што ние во Европа не правиме доволно“, смета српскиот претседател.






