Иако Вардар славеше во Скопје (27-24), високата негатива од првиот натпревар во Франција (33-23) се покажа како преголем товар за „црвено-црните“. По натпреварот на прес-конференцијата се обрати тренерот Чупиќ.
„Им честитам на ракометарите на Монпелје за пласманот на Ф4 бидејќи заслужено се пласираа таму. Одигравме одлично на денешниот меч, но не чинеше тој слаб натпревар во Франција. Верувавме во чудо, но за жал тоа на крајот не се случи. Ова е лекција за сите нас од која многу научивме за следната сезона во Лигата на шампионите“, изјави Чупиќ.
Своето мислење по натпреварот го даде и голманот Милош Валах, кој им се заблагодари на навивачите за поддршката во СЦ „Јане Сандански“.
„Беа подобри од нас во овој двомеч и заслужено се на Ф4. Имавме добар резултат во вечерва и знаевме дека мораме да одиграме перфектно, но тоа не беше доволно. Им се заблагодарувам на мојот тим и на оваа прекрасна публика“, порача Валах.
Вардар ја заврши европската авантура, а веќе од следната сезона се очекува враќање во Лигата на шампионите бидејќи е на чекор до враќање на титулата.






