Според државните проекции, Македонија ќе падне на околу 1.3 милиони жители до 2070 година ако ништо не се промени. Во 2024 година имаше околу 16.061 родени деца, што е пад од околу 7.000 раѓања во споредба со 2015-та година. Kои конкретни мерки би ги предложиле за да се спречи ваквиот пад?
„Минатата година го зголемивме бројот на бесплатни им витро ИВФ процедури од три на шест процедури, плус постапката на одобрување трае две недели наместо три месеци. Мерката за бесплатен ИВФ ја воведовме во 2008 година и досега се имаат родено повеќе од 15.000 бебиња. Исто така, секој месец отворараме нови, проширени или обновени градинки. Во делот на учебниците, на семејствата им се помага со бесплатни учебници и помош во превозот училиште. Ќе продолжиме со поддршка на децата, мајките и семејствата“, објаснува Ѓорчев.
Една жена раѓа помалку од две деца што е под нивото од 2,1 дете, нешто што е потребно да се стабилизира бројот на население. Што предлагате да се направи во врска со ова?
„Сите земји во Европа имаат фертилитет значитечно под 2,1 деца по жена. Германија има околу 1,3, Италија 1,1, Полска и Литванија околу 1,1, Швајцарија 1,3 итн. Сите 27 земји на ЕУ имаат заеднички фертилитет од 1,38 и тоа е помалку од Македонија. САД има 1,58, а Канада има 1,2 деца по жена. Богатите земји во Азија и Далечниот Исток како Јужна Кореа, Јапонија и Сингапур имаат најнизок фертилитет од 0,7 деца по жена до 1,0. Се работи за многу комплексно прашање, а огромен број на земји не можат да постигнат фертилитет 2,1 деца по жена. Во современото општество намален е бројот на многудетните семејства“, појаснува Ѓорчев.
Дали Владата подготвува нова национална стратегија за демографија и што предвидува таа?
„Да, интензивно работиме на новата демографска стратегија. Планираме нејзино усвојување следниве неколку месеци. Сепак, има голем број на земји кои имаат одлични демографски стратегии, но многу слаби резултати. Стратегијата е само почетна точка, а остатокот е поврзан со вкупната клима во општеството, намалувањето на иселувањето со засилен економски развој, заедно со слободниот избор и желба да се имаат деца“, информира Ѓорчев.
Како го мерите успехот на демографските политики – кои индикатори ги следите?
„Има огромен број на статистички индикатори, но главните се ферилитетот (број на родени деца по жена) и наталитетот (број на родени деца на 1.000 жители). Исто така, важни се бројот на работната сила, младото население и вкупниот број на население“, вели Ѓорчев.
Дали постои анализа за ефектите од досегашните мерки за поддршка на семејствата и ако постои кои се ефектите?
„Јужна Кореа на демографски мерки потроши 270 милијарди долари за 15 години без никаков успех – имаат најмал фертилитет на светот. Јапонија, Полска, Италија, Германија и Сингапур потрошија огромни милијарди, исто така без никаков успех. Во Македонија имаше огромни позитивни ефекти во периодот 2006 – 2016 година, со раст на родените деца од 2,3 отсто. За жал, во време на Владите на СДСМ од 2017 до 2024 ни се случи најјголема демографска катастрофа во Европа, со исклучок на Украина која има илјадници загинати и милиони бегалци. За овој последен период сѐ уште е рано да се анализираат ефектите. Се надеваме на позитивни резултати“, вели Ѓорчев.
Каков е вашиот конкретен план за справување со иселувањето на младите?
„Економскиот развој е главната мерка за спречување и намалување на иселувањето. Изминативе 18 месеци има намалување на иселувањто, иако сѐ уште е присутно. Намален е бројот на испишување од училиште поради иселување, како и барањата за испис од државјанство. Во голем број на училишта имаме и враќање на одреден број на ученици од странство, иако сѐ уште имаме иселување. Сакаме што повеќе наши луѓе да се вратат во нашата зедничка татковина Македонија“, се надева Ѓорчев.

Дали сте се сретнале со младински организации и ако да, кои се нивните клучни барања?
„За младите особено сме фикусирани во делот на образованието и вработувањето, како и домувањето. Нивните клучни барања се во делот на животниот стандард и повеќе можности, а главните приоритети на Владата се токму во таа насока. Особено сме фокусирани во делот на домувањето затоа што тоа е особено важно за младите брачни двојки и во делот на основањето на семејство“, информира Ѓорчев.
Постојат ли конкретни програми насочени кон поддршка на младите?
„За младите особено е важно решавање на станбеното прашање. Програмите како ‘Купи куќа за млади’ добро се покажаа и затоа ваквите програми ќе бидат во нашиот фокус. Поголем број на општини работат на вакви програми и тоа е за поздравување“, вели Ѓорчев.
Како ја координирате политиката за човечки ресурси со економските ресори?
„Новата демографска стратегија покрива активности на повеќе ресори. Демографијата е област која ги допира буквално сите области од животот. Во тој дел исклучително е важна заштитата на бремените жени. Ниту една жена не треба да изгуби работно место или да биде дикриминирана поради бременост. Мајките и децата ја заслужуваат сета наша поддршка. Апелирам жените кои се соочуваат со дискриминација поради бременост да ги пријавуваат ваквите случаи, а после тоа ваквите пријави да се процесуираат“, дециден е Ѓорчев.
Дали имате стратегија за враќање на квалификуван кадар од странство?
Досега имавме два форуми со иселеници од странство и искуствата се одлични. Имавме околу 20 луѓе вратени од странство кои лично се обратија, вклучитечно и млади доктори со деца. Ќе продолжиме со тие активности затоа што секој човек е важен. Факт е дека сѐ уште имаме повеќе иселени од вратени, но порано речиси никој не се враќаше. Сега гледаме процес на одредено враќање во Македонија. Сакаме тој процес на враќање да го продолжиме и да го засилиме“, уверува Ѓорчев.
Кои се најкритичните сектори со недостиг на работна сила и што преземате?
„Речиси во секој сектор постои недостиг од работна сила – градежници, готвачи, земјоделски работи, медицински персонал итн…Намалувањето на населението ги допира сите области. Економскиот раст на Македонија ги зголемува стандардот и платите, така што тоа ја прави државата поконкурентна. Во тој дел важно е наставните програми во средните училишта и на факултетите да се фокусираат на дефицитарните занимања, затоа што тие се важни за пазарот на работна сила, дополнително таму има сериозен раст на платите поради недостигот од работна сила“, вели Ѓорчев.
Дали поддржувате увоз на работна сила како демографска мерка?
„Огрмното мнозинство на работници во Македонија се домашна работна сила и најмногу можеме да се потпреме на нив. Нашите луѓе се најважниот ресурс кој што го имаме. Џабе ни се сите патишта, автопати, згради и фабрики ако нема луѓе. Нема ништо без луѓе. Затоа треба да размислуваме долгорочно и да ги развиваме нашите човечки ресурси. Семејството и децата се нашето најголемо богатство, а тоа е дел од нашата традиција и поглед на животот. Тоа е нашата иднина“, дециден е Ѓорчев.
Искра Опетческа






