„Нека запомнат добро: Изет Меџити не е производ на канцеларии и милувања од Али Ахмети. Тој има мандат од Албанците, како градоначалник и пратеник. Со глас, со терен, со луѓе. Не како Бујар Османи, Блерим Беџети, Фатмир Бесими и кликава на ДУИ, кои политиката ја сфатиле само како качување на фотелја, тендери и личен комодитет. Разликата е голема. Изет бил меѓу народот во маало, додека тие биле во канцелариите на извршната власт и во пазарите за моќ“, се обраќаат од Вреди до ДУИ, но и до јавноста.
Според Вреди, денес најголемите „љубители на фотелји“ се во ДУИ, таму каде што мала група луѓе околу Али Ахмети ја приватизирале партијата, го туркаат посветениот активист напред како топовско месо, само за самите да се вратат на власт, во фотелји, во тендери и во удобност.
„Бујар Османи повеќе од 3.700 дена министер, Блерим Беџети повеќе од 5.500 дена на функции и сѐ уште зборуваат за ‘заштита на Албанците’. ДУИ Албанецот го гледала само како број за глас, додека функциите како семејно наследство.
Оваа демагогија повеќе не поминува. Народот ги прочита. Тие сѐ уште сонуваат за времето на Груевски, Будимпешта им изгледа како адреса за спас, додека Мијалков го паметат како златен партнер на владеењето.
Веќе две години ги лажат активистите дека ‘ќе се вратиме на власт’, а одговорот за оваа политичка измама го добија не така одамна на локалните избори, каде Вреди ги разби победувајќи во 10 општини“, порачуваат од Вреди.

Набрзо од ДУИ реплицираа на соопштението на Вреди, истакнувајќи дека “Изет Меџити е промоторот на бруталниот непотизам во политиката на Албанците“.
„Човекот кој стана милионер додека Чаир осиромашуваше, денес се обидува да се претстави како промена, но граѓаните ја знаат вистината: неговата политичка структура функционира по истата логика како мафијашките кланови – семејна лојалност, крвна поврзаност, лични интереси и контрола преку неговите најблиски луѓе“, се вели во реакцијата на ДУИ на денешното соопштение на Вреди.
„Повеќе од 20 години, тој и неговата група го узурпираа претставувањето на Албанците во Скопје и ѝ ја уништија иднината на цела генерација млади луѓе. Во меѓувреме, растеше само неговото лично богатство и влијание.
Албанците немаат потреба од рециклирање на истиот менталитет кој инсталираше вазалството и криминалот како модел на политичко дејствување“, реагираат од ДУИ.






