На претходното рочиште, одржано на 4 мај, свој исказ пред судот даде директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, во својство на вешто лице, којшто посочи дека главна причина за смртта кај починатите лица, врз основа на обдукциските наоди и токсиколошките анализи, е насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи.
Станков пред судот појасни дека водородниот цијанид, пронајден во крвта кај дел од жртвите, само го потпомогнал дејството, додека труењето со јаглероден моноксид е главниот причинител за смртта. Карактеристиките на пожарот, како што потенцираше вештакот, се исти како и при многу други пожари во затворен простор каде што синергистички дејствуваат и топлиот воздух, чадот и стампедото што се јавува во борбата за излез.
– Јаглероден моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу бргу и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта – истакна Станков.
На минатото рочиште, исто така, поради недостапност на органите на прогон, беа прочитани исказите на сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, дадени во Обвинителството во текот на истражната постапка. Одбраната се противеше на ваквиот предлог, тврдејќи дека станува збор за клучни сведоци за утврдување на околностите околу поставувањето на прскалките и внесувањето на пиротехниката во дискотеката.
Воедно, бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов изнесе предлог за исклучување на јавноста поради изнесени закани за неговиот живот на претходните рочишта. Предлогот беше одбиен од страна на судијката со образложение дека досега ниту една закана не е нотирана во записник, а обвинителството оцени дека станува збор за неосновано и незаконито барање.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.






