среда, 6 мај 2026

МАЕИ достави барање до Судот во Корча за обезбедување преведувач на македонски јазик на судењето со „Бугарска меморија“

Во врска со тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија против партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател, Васил Стерјовски, како и во врска со последното рочиште одржано во Основниот суд во Корча – партијата достави барање до судот за обезбедување преведувач на македонски јазик, а од судијката која го води случајот преиспитување на одлуката во однос на одбивањето на барањето за обезбедување преведувач на македонски јазик за понатамошното водење на судската постапка.

Објавено на

часот

Сподели

„Во однос на барањето за преведувач, нагласуваме дека, иако сум државјанин на Република Албанија со македонска национална припадност, мојот мајчин јазик е македонскиот и правната терминологија ја разбирам поцелосно и попрецизно на овој јазик. Одбивањето на ова барање беше образложено со фактот дека, како албански државјанин, се претпоставува дека го владеам албанскиот јазик и дека, дополнително, можам да се потпрам на помошта од адвокат“, рече за МИА Стерјовски, по доставувањето на барањето во судот.

Според него, ваквото образложение не е во согласност со правните стандарди и меѓународната пракса.

„Фактот дека можам да комуницирам на албански јазик, не значи автоматски дека ја владеам правната терминологија, која е специјализирана и често сложена дури и за мајчините говорители на тој јазик. Правото на преведувач не се однесува само на способноста за говорење на јазик, туку пред сè на способноста за целосно разбирање на природата на обвинението и текот на судската постапка. Во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права, помошта од преведувач треба да биде таква, што обвинетиот реално ќе може да ја следи постапката и ефикасно да го остварува правото на одбрана“, нагласува тој.

Освен ова, во однос на сугестијата за застапување од страна на адвокат, во барањето се нагласува дека улогата на адвокатот е советодавна и одбранбена во правен и стратешки аспект, додека преведувачот има функција на директна и точна јазична комуникација. Овие улоги се различни и меѓусебно незаменливи. Адвокатот не може да го замени преведувачот, бидејќи нема обврска, ниту функција, да ја преведува целосно и континуирано секоја изјава дадена во текот на рочиштето.

„Како припадник на македонското национално малцинство, не сум во состојба целосно да ја разберам правната терминологија и сложеноста на постапката на албански јазик. Поради тоа, за следното рочиште закажано за 30 јуни 2026 година, повторно бараме обезбедување преведувач на македонски јазик. За гарантирање на правото на лице кое припаѓа на национално малцинство да се брани на својот мајчин јазик во текот на судска постапка во Република Албанија, примената на релевантните одредби од националното законодавство и ратификуваните меѓународни инструменти не претставува прашање на дискреција, туку директна законска обврска за судот“, се наведува во барањето на МАЕИ до судот во Корча.

Покрај тоа, во барањето се наведуваат одредби од националното законодавство, Уставот,  законот за заштита на националните малцинства и оној за кривична постапка, со кои стриктно се предвидува правото на секое обвинето лице бесплатно да биде помогнато од преведувач, доколку не го разбира или не го зборува албанскиот јазик. Ова право, се посочува во барањето, е предвидено и во рамки на меѓународните инструменти, Европската конвенција за човекови права, судската пракса на Европскиот суд за човекови права, како и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, која ја обврзува државата Албанија, а со тоа и нејзините судски органи, да обезбедат употреба на јазиците на малцинствата во односите со јавните власти, вклучително и во судските постапки, кога тоа е неопходно, вели Стерјовски.

Во овој контекст, се наведува во барањето „одбивањето да се обезбеди преведувач не претставува само процесна одлука, туку директно кршење на уставните и меѓународните гаранции за правично судење, со што сериозно се нарушува правото на одбрана и принципот на еднаквост пред законот“.

Заради запознавање барањето е доставено до албанскиот државен врв, сите судски инстанци, комесарот за заштита од дискриминација, народниот правобранител.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ