Ова е само дел од содржината на фотографиите што денес без изведени како доказ на судењето за големиот пожар во Пулс. Бројката од близу 100 фотографии што денес беа прикажани на видеобимот во судница во Идризово, го покажаа она што се случи и уништи многу животи и семејства. Придушени беа светлата во судницата за да може почисто да се видат на големиот екран доказите од кобната ноќ од март минатата година.
Додека обвинетиот газда Деко, сопственикот на Пулс, ги гледаше фотографиите од местото што одзеде 63 животи, а на кој трагичен настан и тој беше сведок, неговата адвокатка Ивана Коцевска приговараше дека Обвинителството листајќи ги фотографиите се задржува селективно само на она што ним им одговара.
Со огромна тага во очите фотографиите од местото каде што загинаа нивните деца ги гледаа и родителите што се присутни во судницата. Најмногу рекации и воздишки предизвикаа расфрланите обувки, јакнички на децата, но и решетките поставени на прозорците за кои децата се држеле, се бореле за воздух, а не можеле да се спасат, како и образложението дека над 800 степени била топлината на воздухот внатре во Пулс додека траел пожарот. Според доказите на Обвинителството, додека Пулс горел, внатре во објектот имало околу 600 лица.
Обвинителството наведе дека причина за пожарот е запалување на декоративните платна на плафонот од пиротехнички средства.
Тервол, стиропор, гипс картон, дрвени елементи имало поставено во локалот, а бил поставен и полиуретански сунѓер, и токму ова било клучно за брзото ширење на пожарот. Од сунѓерот капеле врели капки, кои ги повредувале присутните.
Обвинителството, презентирајќи ги фотографиите од прозорците во тоалетите на кои се гледаа и решетките, потсети и на исказот на сведокот, сосед кој живеел близу дискотеката, дека девојчињата кои виселе и се обидувале да излезат, молеле да им помогне и ги прскал во вода и дека ако газда Деко не ги затворел на тој начин, оние кои побарале спас на таа страна од дискотеката ќе можеле да се спасат.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Катерина Додевска






