На средбата, како што соопшти МНР, била истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Софија и Скопје и за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји, а двајцата министри заклучиле дека проширувањето и продлабочувањето на билатералните односи меѓу двете земји е од заеднички интерес.
„Ние сме целосно посветени и подготвени за унапредување на билатералните односи со Бугарија, за зголемување на соработката и надминување на сите предизвици. Бугарија го поддржуваше напредокот во интеграцијата на Северна Македонија во НАТО, како и приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Членството на Северна Македонија во ЕУ е стратешки интерес на двете земји и убедени сме дека двете држави и двете општества ќе изнајдат сили за да ги надминат предизвиците и недоразбирањата, врз основа на европските вредности и поттикнати од силната верба во заедничката иднина, како дел од семејството на европските демократски народи“, изјавил Османи.
Од МНР информираат дека Османи, денеска, веднаш по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ПСЈИЕ, заминува директно за Софија на средби со бугарскиот државен врв, како дел од македонската владина делегација.






