„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат полесно. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, многу е тешко, бидејќи ова е поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји“, изјави Закаријас.
За неа „важен момент” е да не се внесат несогласувања во Унијата меѓу две земји.
„Сакаме тие да се решат пред земјата да се приклучи кон ЕУ. Затоа требаше да и дадеме на Бугарија време да го реши тоа со Северна Македонија пред свокување на меѓувладина конференција”, вели таа.
Закаријас потврди дека и врз Бугарија се вршел притисок за изнаоѓање компромис.
„Тука постои рамнотежа, затоа ние извршивме притисок и врз Бугарија, затоа што ставивме добар предлог на маса – да се разгледа, да се види дали може да проработи. Ние исто така работиме со Северна Македонија и се обидуваме да видиме дали ќе дојде време кога можеме да се согласиме за ова“, изјави Закаријас.
Таа го потврди и бугарскиот став дека Софија не е против членството на Македонија во ЕУ и додаде дека „двете земји се обидуваат да го искажат својот став – Бугарија секогаш велеше дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, напротив, таа сака да биде таму”. Но, според неа, треба да има јасност во некои аспекти.
„Затоа понекогаш е потребно повеќе време, поголема претпазливост и дебатата треба да продолжи. Сигурна сум дека нашите колеги од Словенија, кои се од истиот регион, секако можат да го поддржат овој процес и да помогнат да се придвижи со сите сили. Мислам дека нашите напори беа ценети и од Бугарија и од Северна Македонија. Но, потребно е време и балансирање на притисокот што го правиме и разбирање на ситуацијата што треба да се постигне. Како претседателство, сакавме да ја одбележиме оваа точка, но треба да ги разбереме околностите“, рече Закаријас.
На 22 јуни, по министерскиот состанок со кој таа претседаваше и на кој Бугарија повторно стави вето, Закаријас рече дека иако имало „длабока дебата“ за проширувањето на Европската унија и датумот на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија, не беше постигнат договор.
„И покрај сите напори не беше возможно да се постигне договор за отворање на преговарачкиот процес за Македонија и Албанија и да се оди на први меѓувладини конференции. Заклучивме дека претседателството на Словенија со ЕУ ќе продолжи со напорите да се дојде до решение врз основа на предлогот на португалското претседателство“, рече Закаријас.
На забелешката дека Португалија како претседавач доживеала неуспех во мисијата со Македонија и Албанија и дека тоа ќе предизвика голем пад на довербата во Унијата, португалската министерка тогаш одговори:
„Португалското претседателство стори сѐ што може да најде можен компромис. Навистина сакавме да имаме не две туку четири меѓувладини конференции денес, но беше многу тешко. Ние го разбираме тешкиот политичкиот момент во кој живеат Бугарија и Северна Македонија. Сѐ уште не е момент. Мора да најдеме решение со кое ќе се чувствуваат удобно сите страни. Го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите и да не го губи моментумот, да ја продолжи расправата и да ги искористи предлозите што се на маса. Се надевам дека ќе ги имаме тие две меѓувладини конференции што е можно побрзо, за време на идниот семестар“, рече Закаријас.






