„До овој момент нема никаков индикатор дека пожарот е предизвикан намерно со цел да се постигне некаква политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или во наредниве денови надлежниот јавен обвинител. Процедурата е тие даваат наредби до другите надлежни институции, како и за обдукцијата. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори во рамки на својата надлежност, по нивното добивање, ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види најпрво што е причината за пожарот и второ, дали зад тоа евентуално има човечка грешка“, рече претседателот Пендаровски во денешната изјава пред опожарената болница во Тетово.
Тој истакна дека за да нема сомневања во истрагата за овој немил настан, Владата изразила подготвеност да повика и странска експертиза. Основа за подетална анализа, според претседателот, е и самиот факт што модуларната болница изгорела во целост за само неколку минути.

„Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Имаме доволно стрчни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа повеќеслојна истрага. Јас мислам дека за кратко време ќе ја знаеме вистината. Јавно да кажам, до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации. Јас утрово разговарав, на пример, со претседателот на Словенија, Борут Пахор, и од него го добив тоа прашање, зашто има различни шпекулации дека станува збор за можеби подметнат пожар, бидејќи вчера се одбележуваа 30 години независност. До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква политичка цел“, рече Пендаровски, додавајќи дека детали за тоа денеска или во текот на наредните денови ќе даде надлежниот јавен обвинител.






