петок, 1 мај 2026

Партиите веќе ја почнаа кампањата за локалните избори, се знаат и дел од кандидатите за градоначалници

Објавено на

часот

Сподели

Владејачката СДСМ, како што најави веќе соопшти имиња на повеќе од дваесетина кандидати за градоначалници. Петре Шилегов за Скопје, Констатин Георгиевски за Охрид, Филип Темелковски за Кисела Вода… Ова се имињата на актуелни градоначалници кои ќе се борат за втор мандат.

ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата „Македонија за сите луѓе“ во рамки на која ќе се одржат трибини посветени на повеќе области. Целта е партијата да промовира политики, мерки и вредности. Но, и ВМРО-ДПМНЕ започна со објавување на дел од своите кандидати. Кирил Пецаков ќе му биде противкандидат на Георгиевски од СДСМ во Охрид, за прв човек на Прилеп ќе се бори Борче Јовчевски…

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во Битола изјави дека СДСМ предложува стари имиња и корумпирани градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ има 95% нови имиња кои прв пат ќе ја бараат довербата од граѓаните и ќе работат чесно. „Процесот на реформа во ВМРО-ДПМНЕ заврши, почнуваме со реформа во Македонија, која тоа го заслужува, а за мене патриотизмот во 21 век се луѓе кои ќе работат чесно, честито“, порача Мицкоски.

ДОМ и ЛДП во пресрет на локалните избори се здружија во граѓанско движење во центарот кое заеднички ќе настапи на локалните избори. Тие сметаат дека ќе бидат алтернатива на македонската политичка сцена. Нивната порака е „Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“. Неофицијално нивен кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде докторот Никола Пановски. И покрај најавите, Демократскиот сојуз не стана дел од ова граѓанско движење.

 И во ДУИ ситуацијата не е поинаква. Се знаат дел од потенцијалните кандидати за градоначалници. За Тетово повторно се споменува Теута Арифи, на Липково Еркан Арифи… Партијата веќе ја промовираше својата кампања поврзана со зелената агенда. Се најавува дека на крајот на месецот лидерите на ДУИ и на СДСМ, владини коалициски партнери, ќе се сретнат и ќе разговараат за коалицирање и на локално ниво.

Во Беса исто така од порано е познато дека нејзиниот лидер Билал Касами ќе се кандидира во Тетово, додека за градоначалник на Гостивар, пратеникот и потпретседател на Собранието од оваа партија Фадил Зендели.

 Кандидатите за локалните избори во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што најавија од партијата, ќе бидат објавени на 15 август. Од Коалицијата најавија дека  ќе соработуваат со која било партија, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ и со ромски или со турски партии.

Во однос на листите на советници, во Охрид веќе беше промовирана една независна листа за советници, а деновиве и екологистите најавија дека ќе имаат своја листа на изборите.

Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат во втората половина на октомври. Како датум во јавноста најмногу се споменува 17 октомври, но во тој случај последните денови од кампањата ќе се поклопуваат со пописот на населението што треба да заврши на 30 септември. Доколку се набават терминалите за отпечатоци од прсти, тогаш ова ќе бидат први избори во Македонија, на кои ќе се применува проверка на идентитетот преку отисок од прст.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ