Еве уште еден пример. Назависни за Карпош на гласачкото ливче ќе биде означена како Група избирачи, Невена Георгиевска.
Истото ќе важи и за Зелените од Гази Баба, Inicijativa Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово, Стига е – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина за Општина Струмица, Босилово и Ново Село… Сите тие денеска пред ДИК изјавија дека со ова се придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи. Тие се жалат и на тоа дека им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата.
За самоволното преименување на вистинските називи на независните иницијативи, регистрирани во Општинските изборни комисии (ОИК), тие поднеле и претставка до Народниот правобранител, обвинувајќи дека ДИК отворено застанала на страната на најсилните, а не на најдобрите, за намерно да создаде забуна кај гласачите.
„Ние, претставници на независните граѓански листи кои учествуваме на овие избори сакаме да и укажеме на јавноста дека Државната изборна комисија (ДИК) е далеку од нивото на задачата да организира фер и демократски избори. Со своето досегашно постапување ДИК придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи и голем број граѓани кои се препознаваат во нас. И покрај нашите укажувања, за разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите. Исто така, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата“, тврдат претставниците на независните граѓански листи.
Тие го обвинија ДИК за пристрасност и тврдат дека системски се дискриминирани во однос на партиите (распределба на медиумскиот простор, финансирањето итн.).
Од ДИК велат дека во член 60 став 9 од Изборниот закон пишува како се именуваат на гласачко ливче независните листи, т.е. – ‘група избирачи’ и името на носителот.






