„Чамец со 82 мигранти тргна ноќеска од плажата Харделот, неколку километри јужно од пристаништето Булоњ-сур-Мер, но моторот откажа и бродот продолжи да се движи, носен од силни струи“, изјави за новинарите Кристоф Маркс, генерален секретар на префектурата Па-де-Кале, објави телевизијата БФМ.
Импровизиран чамец со уште 65 лица се насука на непристапен брег, но брод на француската поморска жандармерија успеа да спаси 17 лица и да ги транспортира во Булоњ сир Мер.
„Две жени беа пронајдени мртви, најверојатно од задушување. Се верува дека биле згмечени или задушени. За жал, ова често се случува на преполни чамци“, рече Маркс.
Се верува дека жените биле на возраст од дваесет години и дошле од Судан, додека тројца од повредените се во многу сериозна состојба со изгореници предизвикани од горивото што се запалило во чамецот.
Ова е трет смртоносен инцидент со мигранти кои се обидуваат да го преминат Ламанш кон Велика Британија во изминатиот месец.
Минатиот месец, двајца мажи и две жени загинаа додека се обидуваа да се качат на гумен чамец покрај брегот на северна Франција.
Британските власти уапсија маж од Судан под сомнение дека во тој случај загрозил живот.






