Набавката, информира МВР, вредна 21.257.175 денари е направена согласно побарувањата, односно потребите на Единиците за сообраќај во МВР, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, согласно законските норми и согласно нашите проекции за развој и унапредување на функционирањето на сообраќајната полиција.

„Со оваа набавка нашето Министерство е единствено во регионот кое располага комплетно со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал, при што бројот на уреди за брзина и алкохол по глава на жител е на исто или дури и повисоко ниво од земјите од Европската Унија.Во крајна линија, сите сме сведоци дека од 2017 година наваму, како раководство на МВР, без престан инсистираме и делуваме на континуирано организационо и, пред сѐ, материјално-техничко опремување на сите наши служби, што како процес напоредно течеше со процесите на полициски реформи“, истакна министерот Оливер Спасовски.

Тој посочи дека новите 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, што МВР по пат на јавна набавка ги обезбеди за службениците на сообраќајната полиција, е многу значаен исчекор, во насока на зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Спасовски изрази уверување дека со овој нов зафат уште повеќе ќе се зголеми ефикасноста и квалитетот на сообраќајната контрола што пак како што рече, треба да даде свои резултати во зголемување на нивото на безбедност на сообраќајот на патиштата.






