Премиерот Зоран Заев, денеска одговарајќи на новинарско прашање, даде детали за оваа дозвола..
„Правосудните органи и МВР соопштија дека има дозвола од судот во точен период кога да оди на лекар и тоа го прочитав од медиумите. Не знам зошто е виден да оди слободно или не, знам дека има точно предвидено со решение од судот кога да оди на лекар за здравствени потреби, точно колку пати во неделата, во кој дел од денот…”, рече Заев.
Од МВР соопштуваат дека „Д. Р. има дозвола од Основниот кривичен суд Скопје 1, со која, заради здравствени потреби, му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во преостанатиот период од денот, освен неколку часа, кој му е дозволен од судот, Д. Р. ја почитува мерката. Конкретно, денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д. Р. ја почитувал мерката што му е изречена“, велат од МВР.
Рашковски беше во притвор од април поради опасност од бегство и влијание на сведоци, а по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое води истрага за него. Потоа судот одлучи тој да биде пуштен во куќен пртивор бидејќи околноста да влијае на сведоци повеќе не постоела.
Тој нудеше парични гаранции, кои не му беа прифатени. Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата што го добила тендерот.






