Според Милошоски, Талат Џафери претседателот на Собранието кој рече дека ќе одбие една ваква предлог одлука како неоснована, треба да знае дека е избран од граѓаните кои треба да ги штитиме.
„Или тој е избран за да ги штити министрите? После една ваква катастрофа каква што беше горењето на болницата во Тетово, сметаме дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и конечно да искаже политичка волја оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието бидејќи после една ваква катастрофа најмалку што може Собранието да направи за граѓаните е да ја констатира оставката на Филипче, а потоа истражните органи да си ја водат работата кон тоа дали и кој сноси кривична одговорност.
Има и прашања зошто не поднесовме интерпелација за Венко Филипче што е исто така уставна и деловничка можност, одговорот е едноставен. ВМРО-ДПМНЕ пред три години поднесе интерпелација против тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и таа интерпелација Талат Џафери три години ја криеше во фиока, никогаш не дојде на дневен ред. Имаме уште неколку тековни интерпелации поднесено против министри од тековната Влада и Талат Џафери се уште ги чува во фиока и не се дојдени на дневен ред. Затоа, не сакаме да си играме со ваквите можности затоа што Талат Џафери се поставува како заштитник на министрите, како да е министер во Владата, а не претседател на Собранието како граѓански демократски дом.
Затоа цениме дека оваа катастрофа во Тетово кон жртвите, нивните семејства, но и кон сите пациенти и граѓани треба да ја завршиме со констатација на оставката на министерот Филипче тука во Собранието и да се избере нов министер за здравство кој што ќе може на подобар начин да го води овој ресор“, изјави декенска Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.






