Лидерот на опозициската партија вели оти се надева дека изјавата е искрена и социјалдемократите нема преку трикови да го кочат носењето на резолуцијата во парламентот.
„Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата. Време е Македонија да престане со лошата пазарџиска дипломатија. Македонија има повеќе ум и мудрост од сè што видовме досега“, вели Мицкоски.
Денеска портпаролот на СДСМ Константин Костадинов изјави дека СДСМ ќе ја прифати резолуцијата онаква како што е објавена во медиумите.
„Идентитетски линии им се јасни на сите, и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата, таква каква што е, каква што всушност и ја видовме во медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема. Согласно Уставот, ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство, ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите, рече Костадинов.






