Мицкоски рече дека победата во првиот круг е јасна. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има над 55 илјади гласови повеќе од коалицијата на СДСМ, има над 70 советници повеќе, веќе има 22 градоначалника, се наѕира формирање на мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје и победа во вториот круг на Данела Арсовска, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека нема дилеми оти ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и кандидатите за градоначалник на Гром во Карпош и на Демократската партија на Турците во Центар Жупа. За други кандидати од други партии кои не се дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ или на коалицијата Алијанса/Алтернатива, рече, ќе се носи одлука деновиве.
„Фокусирани сме на вториот изборен круг, но потоа неизбежно ќе се наметне активноста на формирање ново парламентарно мнозинств“, рече Мицкоски и нагласи дека граѓаните треба да бидат будни зашто тој очекува во наредниот период бруталност од полицијата, уцени, закани со цел да се промени јасната, како што рече, антивладина волја на граѓаните.
„Затоа ги повикувам граѓаните на 31 октомври масовно да излезат на избори. Победата ја имаме во првиот круг. Но сликата треба да ја заокружиме целосно. Само со голема излезност може да се победи оваа Влада, со нејзините уцени и притисоци и полнење на кутиите. Така може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Рускоска и сите нивни бандити. Така може да ги спроведеме нашите проекти за добро на народот, наместо нивниот прогрес на корупцијата и криминалот, на личниот имот за сметка на сиромаштијата на народот и на прогресот во здравството и ковид-жртвите“, рече Мицкоски.






