„Ние како земји од регионот комуницираме и заедно со Европската Унија работиме околу овој сериозен предизвик. Забележав и обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија, односно естраден пристап, бидејќи се случуваат големи гужви на граничните премини, особено на копнените“, изјави Муцунски.
Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе земји и во рамки на различни шеми на Европската Унија кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан, при што се очекува во летниот период да бидат преземени соодветни мерки за намалување на гужвите.
„Очекуваме во летниот период, кога ќе има периоди на зголемена гужва, да се преземат соодветни мерки. Во овој момент официјално никој нема добиено одговор, и затоа не можам ништо конкретно да споделам. Но можам да потврдам дека имаме разговори, и на највисоко ниво и на техничко-административно ниво, и дека постои подготвеност од земји-членки на Европската Унија да покажат флексибилност кон регионот“- рече тој.
Министерот оцени дека информациите кои се пласираат во јавност се политичка естрада и дека на истите треба да се гледа со голема внимателност.






