– Во 21 век го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев. Во 21 век сè уште македонскиот народ се соочува со овие предизвици за кои не би требало да се соочува. За жал, наместо да се бориме за заедничка иднина, за подобра иднина, ние сè уште отвораме прашања од минатото и, за жал, некои од овие прашања со своите корени се во средниот век – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по панихидата одржана по повод 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.
Иако во Бугарија се очекува стабилна влада по подолго време, Мицкоски не очекува бугарскиот наратив во однос на Македонија да се промени.
„Ако ме прашате за лично мислење, не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив, очекувам таа да се вжешти затоа што сè уште има структури, и политички и општствени кај нас дома, кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сè додека има такви структури и сили, јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед“, рече премиерот.
Потенцира дека, сепак, како Влада, подготвени се на разговори, но тие да бидат аргументирани.
„Ние како Влада секогаш сме подготвени за билатерални разговори, да ги соочиме нашите аргументи и, се разбира, оние аргументи што ќе преовладеат, ние сме подготвени да ги прифатиме, исто како што очекуваме и од спротивната страна да ги прифати“, истакна премиерот Мицкоски.






