Како што пишува А1он, охридскиот суд во повторена постапка и со нова судијка, оценил дека во најдобар интерес на детето е да остане кај мајката, земајќи ги предвид емоционалната поврзаност, континуитетот на грижата и возраста на детето, аргументите и насоките од Врховниот суд. Таткото, според одлуката има право на редовни контакти и обврска за месечна издршка.
Но, по најновото барање од охридскиот суд, надлежното министерство за социјална работа потврди дека Центарот во Охрид не е надлежен за овој случај. Според министерството, единствено надлежен е центарот во Скопје, кој даде мислење во корист на мајката додека другите мислења од центарот во Охрид се оценуваат како правно невалидни.
„Жаклина Доведен која еднаш веќе одлучи дека детето треба да се довери на таткото, одлуката ја правдаше токму со ‘аргументи’ од центарот во Охрид, кој сега е прогласен за ненадлежен. Одлуката се темелеше и на изјави од блиски соседи и роднини на таткото, како и нелиценцирани вештаци за овој случај. Сета оваа збирка на ‘вештачки и фиксирани докази’ Доведен се обиде да ја ‘замачка’ со објаснување дека во денешно време е модерно дететото да се земе од мајката“, пишува А1он повекувајќи се на образложението на пресудата на Доведен во која меѓу другото пишува дека современите социолошки и психолошки теории за родителството покажуваат дека улогите во семејството се значително изменети во изминативе децении така што традиционалната поделба на мајката како главен негувател, а таткото како издржувач повеќе не е единствениот модел на семејството.
„Тоа значи дека стеоротипите за ‘природната’ улога на мајката се општествено надминати“, напиша судијката Доведен во дел од пресудата.
Според оценката на порталот А1он, случајот со Невена Спасеска одамна ја надмина рамката на приватен семеен спор и стана пример за тоа како судските одлуки, институционалните разлики и процесните пропусти можат да влијаат врз исходот на чувствителни предмети.
„Предметот, колку и да припаѓа на ‘приватната сфера’ не смее да се игнорира и поради тоа што доделувањето на детето на таткото само поради тоа што бил богат, го отвора повторно прашањето за корумпираните судии. Конечната одлука нема да биде важна само за доброто на петгодишното дете кое по психијатриските вештачења е утврдено дека се чувствува најсигурно со мајката, туку и за довербата на јавноста во правосудниот систем“, се наведува во написот на А1он.






