
Од СЕММ наведуваат дека медиумите се должни, особено кога се работи за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат Член 1 од Кодексот на новинари во кој стои дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и да не прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Во однос на експлицитните фотографии и видеа од несреќата од СЕММ потсетуваат на Член 8 и Член 7 од Кодексот: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“. Исто така се напоменува дека „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“.
СЕММ упатува повик до граѓаните да пријават какво било прекршување на новинарските стандарди што ќе го забележат во традиционалните или онлајн медиумите преку електронската пријава на линкот на СЕММ.
„Истовремено бараме од институциите транспарентно, навремено и прецизно информирање на јавноста со цел намалување на ризикот од ширење на шпекулации во овие тешки моменти“, велат од СЕММ.






