Во реакцијат на Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) понатаму се вели:
„Со чесни исклучоци, немањето интегритет за укажување на неприфатливоста на определени потези, како и незаконитост во постапувањето, интерни пресметки со неистомисленици и нивно шиканирање и деградирање кои што ескалираа во времето на преходниот министер Димитров и неговите најблиски соработници, за жал сега го земаат данокот и директно ја туркаат македонската дипломатија во амбисот на непрофесионализмот, клиентелизмот и неквалитетот. Како поинаку да се нарече истиснувањето на квалитетните кадри на маргините на МНР и кадровско форсирање по сосема други критериуми отколку што е стручноста, туку како злоупотреба на овластувањата и партиско одработување.
Најпрвин, треба целосно да се расчисти најголемиот скандал во историјата на македонската дипломатија, а потоа и да се симне стигмата од дипломатската професија. Не се сите дипломати криминалци, напротив. Огромното мнозинство се чесни луѓе кои ги имаат инвестирано своите животи во оваа благородна професија и не е прифатливо бланко фрлање на вина.
Само искрен и чесен пристап во расветлувањето на скандалот ќе даде резултат. Македонскиот дипломатски синдикат секогаш, па така и сега, нагласува дека стои на располагање за помош во решавањето на сите тековни прашања во куќата“.






